• понеделник, 16 декември 2024

Ставањето на Груби и Беџети на црната листа на САД е потврда на нашите сомневања за вмешаност во корупција, вели Мицкоски

Ставањето на Груби и Беџети на црната листа на САД е потврда на нашите сомневања за вмешаност во корупција, вели Мицкоски

Скопје, 10 декември 2024 (МИА) - Премиерот Христијан Мицкоски денеска изјави дека ставањето на поранешниот вицепремиер Артан Груби и на судијата на Апалациониот суд Енвер Беџети на црната листа на САД поради значителна корупција, е само потврда од стратешките партнери на она што го говореле уште во опозиција за вмешаност во корупција и е само почеток од многу такви случаи што очекува во наредниот период да бидат објавени во јавноста. 

-Што се однесува на ажурираната листа на санкции на САД на која што се најдоа двајца граѓани од кај нас, едното лице вие го споменавте, второто е судија којшто е дел од Апелациониот суд, ги имате и таму причините зошто се тие практично дел од оваа листа на санкции. Ние во минатото многу пати зборувавме за сето ова за кое што сега и официјално нашите стратешки партнери, меѓународната заедница го посочува. Јас можам само да кажам дека во периодот којшто следи уште многу потврди на сето она кое што сме го имале за сомневање ќе излезе во јавноста и јавноста ќе биде запознаена, рече премиерот Мицкоски на новинарско прашање за коментар за ставањето на Груби на црната листа на САД, а за кој тој изминативе години од позиција на опозиција го обвинуваше за вмешаност во коруптивни скандали. 

За овој случај во којшто висок поранешен владин функционер и апелационен судија кои се основано осомничени како што се посочува, вели, за сторено сериозно кривично дело за коишто се наоѓаат на листата на санкции од страна на САД, но и за случајот со апсењето лица од поранешното раководство на ЕСМ и  РЕК „Битола“ осомничени за злоупотреба на јавни набавки, премиерот Мицкоски рече дека очекува да дадат одговор за овие основани сомневања, иако вели, „голем дел од доказите за коишто се сомневавме веќе се обезбедени“.

Стејт департментот на САД вчера соопшти дека воведува санкции против поранешниот заменик-претседател на Владата на Северна Македонија Артан Груби и судијата на Апелацискиот суд Енвер Беџети поради нивна вмешаност во значителна корупција.

Според соопштението, Груби и Беџети примале мито со цел да ги поткопаат судските процеси поврзани со кривичната осуда на Сашо Мијалков, поранешен директор на Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК). Мијалков беше санкциониран во 2022 година за значителна корупција според Секцијата 7031(в) од Законот за надворешни операции и поврзани програми на Стејт департментот.

Покрај санкциите за Груби и Беџети, забрани за влез во САД се воведени и за членовите на нивните семејства.

Ваквата одлука ја поздравија повеќе партии од власта и од опозицијата меѓу кои и ДУИ, партијата во која Груби е дел раководството. вг/ац/

Фото: МИА 

Остани поврзан