• понеделник, 23 декември 2024

ССМ: Укината е срамната ревизија донесена од тројцата судии, новата Влада да не ги следи примерите на претходните кои беа против работниците

ССМ: Укината е срамната ревизија донесена од тројцата судии, новата Влада да не ги следи примерите на претходните кои беа против работниците

Скопје, 20 септември 2024 (МИА) - Укината е срамната ревизија донесена од тројцата судии за кои укажувавме на почетокот на годината дека ја направија најголемата штета на синдикалното движење во Македонија, нешто што се нема случено ниту во Европа ниту во светот. Борбата што ја водевме овие осум месеци, ни овозможи да добиеме повторување на постапката и укинување на сите правни акти кои значеа конфискација на Работничкиот дом. Упатувам апел до новата Влада да не ги следи примерите на претходните влади кои беа против работниците и кои сакаа да го одземат Работничкиот дом од работниците, рече денеска претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов.

Тој на прес-конференција напомена дека Предлогот на ССМ за повторување на постапката врз основа на доказите со кои Сојузот располага уште од 1948 година, е прифатен од Врховниот суд со насоки да се укинат сите досегашни пресуди, вклучително и ревизијата на Врховниот суд со која се конфискуваше Работничкиот дом од работниците на штета на целокупното работничко движење и на штета на ССМ, со единствена цел, да се уништи ССМ.

-Работниците, правдата и ССМ победија за само осум месеци корумпиран систем составен од корумпирани судии. За наша среќа, не сите судии се во истиот кош. Сакам да се заблагодарам на судијката Оља Крстиќеска во Основниот суд Скопје, која дозволи по брза постапка да се случи повторувањето и да се прифати предлогот за повторување на постапката, како и на претседателката на Врховниот суд, Беса Адеми, која овозможи согласно законските одредби, да даде приоритет на предметот за да може да се случи што е можно побрзо ваквото решение со укинување на срамната пресуда на Врховниот суд, односно, не на Врховниот суд, таму имаме и достоинствени судии, професионалци судии и судии кои работат согласно законите во Македонија, како двете судијки кои беа против уште при носењето на ваквата срамна пресуда од страна на овие тројца судии, како и судиите кои сега овозможија повторување на постапката во Македонија. Сакам да се заблагодарам и на сите судии кои беа вклучени како преку Основниот суд, така и преку Апелациониот суд кои се повеќе од 30 во овие години од 2005-та до денеска, кои судеа на страната на правдата, на страната на вистината, дека Работничкиот дом е граден од работнички плати, од работничка синдикална членарина од ССМ, истакна Трендафилов.

Според него, ССМ минатата година беше изненаден од пресудата во јануари 2024 година која значеше одземање на Работничкот дом од работниците.
 
-Тоа што сакам да нагласам е дека овој процес почна во 2005 од владата предводена од Владо Бучковски и заврши во 2023 година од страна на владата предводена од Димитар Ковачевски. Упатувам апел до новата Влада да не ги следи примерите на претходните влади кои беа против работниците и кои сакаа да го одземат Работничкиот дом од работниците со единствена цел - да го замолчат ССМ, особено поради една причина. Добивме информација дека е прифатена предлог-апликацијата поднесена до Стразбур и дека е повреден член 1 од Протоколот 1 кој значи право на сопственост. Сопственоста не може да биде предмет на политички и олигарсхиски игри. Сакаме да упатиме порака, Работничкиот дом е на работниците, сами бирате дали ќе бидете пријатели или непријатели на ССМ, подвлече Трендафилов. мч/аа/

фото/видео: МИА

 

Остани поврзан