• среда, 25 декември 2024

Српска вечер на „Охридско лето“ со концерт на познатиот виолинист Немања Радуловиќ и ансамблот „Дабл сенс“

Српска вечер на „Охридско лето“ со концерт на познатиот виолинист Немања Радуловиќ и ансамблот „Дабл сенс“

Охрид, 18 јули 2023 (МИА) –  Во рамки на Српската вечер на „Охридско лето“ вечерва на сцената „Долни Сарај“ ќе настапи афирмираниот виолинист Немања Радуловиќ, заедно со ансамблот „Дабл сенс“.

Немања Радуловиќ со неговата уникатна енергија и искреност во изведбите, како и со возбудливата виртуозност, длабочина на изразот и со авантуристичкиот пристап кон програмата што ја изведува говори за тоа дека музиката навистина има моќ да ги зближува луѓето. Неговиот долго очекуван деби настап на фестивалот „Би-Би-Си Промс“ во 2019 година со симфонискиот оркестар на градот Борнмут и под диригентската палка на Кирил Карабитс беше изведба на Концертот за виолина и оркестар од С. Барбер. Критиката напиша дека бил отсвирен со „лирска деликатност и со супервиртуозност“. Во 2021 година Радуловиќ потпишува ексклузивен договор за продукциската куќа „Ворнер Класикс“, а неговиот прв албум за нив со наслов „Корени“ (Roots) претставува восхитувачко звучно патешествие кое е резултат на неговите бројни влијанија и инспирации до сега. Неговиот претходен албум „Баика“е  еден од низата од девет успешни албуми направени за „Дојче грамофон“ и „Јуниверзал мјузик“ кои ќе му го донесат епитетот „огнен виор на музика“ од страна на магазинот „Би-Би-Си Мјузик“ кој му додели пет ѕвездички и наградата „Избор на критиката“. Магазинот „Грамофон“ пак ги издвојува специфичните „парови“ присутни на албумот велејќи дека „Радуловиќ со Концертот за виолина од Хачатуријан создава енергија и огнена сила“, продолжувајќи со зборовите „со Радуловиќ како раскажувач, ова е албум со восхитувачки приказни“. Добитник е на наградата „Ехо Класик“ во 2015 година за „Откритие на годината“, Немања Радуловиќ е уметник кој настојува да ги прошири границите на класичната музика. Тоа му носи вистинска армија на обожаватели низ целиот свет кои уживаат во неговите настапи со водечките светски оркестри и диригенти вклучувајќи ја Лондонската филхармонија, оркестрите во Минхен, Берлин, Дрезден, Хановер, Келн, Кралската филхармонија во Ливерпул, Токио Симфони, Симфонискиот оркестар на Монтреал, националните оркестри во Лил и во Шпанија, Холандската Радио филхармонија и многу други, а скорешните настапи ги вклучуваат дебито со Њујоршката филхармонија, оркестрите во Гетеборг и Даблин, Филхармонискиот оркестар во Стразбур, како и опсежна турнеја низ Велика Британија со Симфонискиот оркестар од Гавле и диригентот Хаиме Мартин, а распродадени се неговите настапи со „Дабл сенс“ на фестивалите во Нант, во парискиот театар „Шанзелизе“ и во Берлинската филхармонија.

Немања Радуловиќ е роден во Србија во 1985 година, студирал на ФМУ во Белград, како и на Високата музичка школа во Сарбрукен, на академијата „Штауфер“ во Кремона во класата на Салваторе Акарда и на Конзерваториумот во Париз во класата на Патрис Фонтанароса.

За албумот „Корени“ што Радуловиќ и „Дабл сенс“ го промовираат на голема балканска турнеја, самиот тој ќе рече: „Овој проект за мене е многу интересен и е создаден за време на пандемискиот „локдаун“  кога многу слушав музика, главно Моцарт и „ворлд мјузик” и тоа всушност ме враќаше во живот. За време на пандемијата имав можност длабоко да размислувам за музиката денес, но и за музиката во минатото и иднината. Слушав музика од различни стилови, и почнав да ја развивам идејата за овој проект кој е исчекор за мене како музичар. Сé за мене е ново затоа што не станува збор за класична музика, туку претставува стилизација на традиционални песни на повеќе народи од песни познати во нашите земји, преку мелодии од други делови на Европа, па сѐ  до оние далечните како Кина, Јапонија и Индија.“

Ансамблот „Дабл сенс“” е основан во 2008 година кога виолинистот Немања Радуловиќ ги собра на едно место неговите омилени француски и српски музичари да настапат заедно како камерен оркестар. Оваа уникатна ансамбл–формација ја соединува пријателството и тие како едно семејство ја делат љубовта и желбата да музицираат заедно што е очигледно кога тие се на сцената.

Радуловиќ не случајно ќе каже: „Мојата музика, моите пријатели? Мојата Франција? Мојата Србија? Мојот живот порано и сега? Идејата за создавање на „Дабл сенс“ се роди токму благодарение на овие прашања! Сакав да ги соберам моите српски и француски музички пријатели и не морав многу да размислувам за составот зошто лично го познавам секој од нив и бев сигурен дека нивните карактери ќе бидат компатибилни бидејќи пред сé, суштината на овој ансамбл е среќата која ја чувствуваме кога создаваме музика заедно. Кога прв пат настапивме во овој состав, сите почувствуваме потреба да продолжиме заеднички да музицираме и да се собереме повторно што поскоро. И после неколку години откако свириме заедно, тоа сé уште сите го чувствуваме- не можеме да го дочекаме мигот повторно да сме сите заедно!“

Радуловиќ и „Дабл сенс“ имаат снимено четири заеднички албуми „Пет сезони“ (2011),  „Патување на исток“ (2015), Рококо варијациите од Чајковски во оригиналниот аранжман за виола (2017) како „Баика“ (2018) на кој се заедно во изведбата на „Шехерезада“ од Николај Римски-Корсаков. Последниот албум исто така, е издаден како видео-албум со наслов „Уникатно“  снимен во Карнак и на него ансамблот свири дела од Бах, Вивалди, како и традиционални и дела кои се преод од класиката кон тн.„world music”. Овој „визуелен албум“ беше емитуван во кино-салите во цела Франција. Во 2022 година Радуловиќ и „Дабл сенс“ го снимаат првиот заеднички албум за издавачката куќа „Ворнер“ со наслов „Корени“ (Roots). Тој содржи аранжмани на традиционална и модерна музика во еден вид музичко патешествие околу светот. Ансамблот активно настапува низ целиот свет, а последните и идни настапи ги водат во Театарот „Шанзелизе“ во Париз, „Концертхаус“ во Виена, „Тонхале“ во Дизелдорф, Операта во Марсеј, „Коларац“ во Белград, концертната сала во Кјото како дел од турнејата во Јапонија, како и во салата на Берлинската филхармонија.

Почетокот на концертот е од 21 часот. аб/дма/

фото/„Охридско лето“

 

Остани поврзан