• петок, 08 ноември 2024

Средновековниот манастир Карпино, споменик на културата од поствизантиски период

Средновековниот манастир Карпино, споменик на културата од поствизантиски период

Куманово, 19 ноември 2023 (МИА) - Древниот манастирски комплекс Карпино во општина Старо Нагоричане, сместен во близина на селото Сув Орах привлекува со својата исконска убавина. Карпинскиот манастир, кој се наоѓа во атарот на селата Сув Орах, Дренак, Аљинце, Страцин, е еден од најзначајните средновековни споменици од поствизантискиот период во државава и на Балканот и е еден од првите кој бил заштитен со Закон за заштита на споменици на културата во раните педесетти години од минатиот век. 

Црквата Света Богородица e споменик на културата од поствизантискиот период. Првиот слој фрески датира од 1592 година, а во 1893 година покриени се со нов слој фрескоживопис. Конаците потекнуваат од XIX век. Во минатото, во манастирот имало до 300 монаси. Таму се развила препишувачка школа и во тој период манастирот бил духовно, црковно и културно јадро. Со него се гордеат жителите од селото, како и од соседните села.

Трајче Димитриевски од село Сув Орах вели дека формирале одбор за заштита на манастирот.

- Еден од конаците е понов и имаме дозвола да го реновираме, кујната врати прозорци, тие што доаѓаат во посета да можат и да преноќат, да се дружат за викенд, додека другиот конак кој е изграден во 14-ти век, тој е под заштита за културно наследство,вели Димитриевски.

Жителите од селото и од соседните од козјачијата, велат дека сѐ повеќе има интерес за посета на манастирот.

- Луѓето сакаат да го посетуваат, потребни се дозволи да се уреди, зашто е под заштита, вели Дејан Спасовски од самоиницијативен одбор.

Сашо Атанасовски жители раскажува дека често бараат дозволи, а во интерес на селото е да заживее манастирот.

И од Министерството за култура чекаат да заврши изградбата на патот и објаснуваат дека самата црква е во добра состојба, а јужниот конак е сосема руиниран. Западниот конак е во релативно стабилна состојба, додека поголемиот дел од оградниот ѕид е срушен.

- Соодветната заштита на овој споменик на културата е оневозможена заради непристапниот терен. Од таа причина, потребна е итна изведба на пристапен пат, од село Сув Орах до манастирскиот комплекс. Со тоа ќе се обезбеди пристап до споменичното добро во насока на негова ревитализација и ставање во функција на потребите на верниците, домашните и странските посетители. Кога ќе се создадат услови за непречен пристап, од страна на надлежната установа ќе бидат изведени конзерваторски истражувања, изработка и реализација на фазните проекти за заштита на манастирот, велат од Министерството за култура.

Темелни конзерваторски зафати биле спроведени во 1992 година, но и тогаш е констатирано дека јужниот конак е во лоша состојба и тој објкет паднал. Пред дваесетина години била направена консолидација на архитектонскиот склоп на црквата, а во 2006 година изработен е елаборат за прогласување на Манастирот Св. Богородица – Карпино за споменик на културата во опасност кој не бил прифатен од Управата за заштита на културното наследство. Од 2009 до 2012 година, во континуитет се одвивале конзерваторско-реставраторски работи на живописот во црквата при што беа отстранети пресликите и е направена консолидација на постариот слој живопис.

Славица Крстиќ, пензиониран историчар на уметност и издавач на монографии, вели дека манастирот бил значаен книжевен и скрипторски центар во 16 век. Активен верски живот имал до крајот на Втората светска војна. Манстирот поседувал богата манастирска библиотека (преку 60 книги), кои подоцна биле однесени во Белград, Софија, Москва и на други локации. Во почетокот на 19 век (1806 – 1812) во него творел игуменот и книжевник Кирил Пејчиновиќ.

Скапоцената колекција на стари празнични икони се наоѓа во галеријата на икони во Соборниот храм „Свети Никола“ во Куманово.

- Интарзираните предмети, две нафори и една певница од седеф, работени во техника на инкрустација и владичкиот престол од дрво со богато декориран наслон, потекнуваат од манастирот Карпино, исто како и сочуваните делови од првобитниот иконостас, со седум празнични икони, царски двери и голем „змиски“ крст со риби (наместо дракони), во дрво со плитка резба. Царските двери целите се изработени со плетерна орнаментика и кружни розети, како и двоглави орли, припаѓаат на прилепско – слепчанската резбарска школа. Овие најстари сочувани експонати, конзервирани 2016/17 година од страна на НУ. Музеј Куманово, се изложени во галеријата на икони во црквата „Свети Никола“ во Куманово, вели Крстиќ.

И стручната јавност и жителите очекуваат патот да се пробие да се овозможат услови да заживее местото, кое е интересна локација и за туристите и за верниците. Од општина Старо Нагоричане информираат дека е почнато тампонирањето на патот од Сув Ора до Карпино. Последните пролетни дождови, пролетва речиси го уништија патот кој води до стариот манастир, а и самиот предел е прилично карпест. Избрана е фирма изведувач.

- Станува збор за 2.700 метри и обезбедени се 3, 5 милиони денари средства од Бирото за регионален развој. Во тек е пробивање патната инфраструктура и ќе се тампонира, изјави заменик градоначалникот на општината, Бобан Цветановски.

Извесен период тука се одржуваше и ликовна колонија, но поради немањето инфраструктура колонијата престана да се одржува во комплексот.  

Александра Максимовска


Фото: МИА, Славица Крстиќ и Општина Старо Нагоричане

 

 

Остани поврзан