• понеделник, 16 декември 2024

Средба Николоски – Маринсеку: Фокусирани сме на развој на брз транспорт долж европската транспортна мрежа

Средба Николоски – Маринсеку:  Фокусирани сме на развој на брз транспорт долж европската транспортна мрежа

Скопје, 13 декември 2024 (МИА) - Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски оствари работна средба со Мариан – Жан Маринеску, координатор на новоформираниот транспортен коридор Западен Балкан - Источен Медитеран. На средбата се разговарало за владините активности и проекти што се реализираат на европските транспортни коридори, со посебен акцент на коридор 8 кој е дел од новоформираниот транспортен коридор Западен Балкан - Источен Медитеран.
 
Вицепремиерот Николоски истакнал дека Владата е фокусирана на развој на сите видови транспорт долж трансевропската транспортна мрежа со што Македонија дава голем придонес во развој и промоција на регионалната соработка преку модернизација на транспортната инфраструктура.
 
Исто така, тој ја потенцирал решителноста на Владата за доизградба на железничкиот и патниот коридор 8, како и подготвеноста за изградба на брза пруга на Коридор 10 како услов за регионален развој и интеграција со пазарите на ЕУ.
 
-Подготвени сме за имплементација на акционите планови за изградба и модернизација на патиштата, зголемување на безбедноста на патишта, унапредување на железничкиот систем, транспортно олеснување и мултимодалноста.  Во таа насока сме силно посветени на подобрување на транспортната инфраструктура и преземаме активности за изградба и рехабилитација на транспортната мрежа која е дел од основната и сеопфатна мрежа на европските транспортни коридори. Подобрувањето на поврзаноста во рамките на Западен Балкан, како и меѓу Западен Балкан и ЕУ е клучен фактор за понатамошна интеграција која ќе донесе јасни придобивки за економиите и граѓаните на регионот, како и стимулирање на економскиот раст на национално и регионално ниво, истакнал вицепремиерот Николоски.
 
На средбата присуствувале и директорите на ЈП Железници Инфраструктура, Синиша Ивановски, на АД Железници Транспорт, Дејан Кошутиќ, како и заменик амбасадорот на ЕУ во Македонија, Бен Нупно. сст/нд/

Остани поврзан