• петок, 27 декември 2024

Средба на претседателот Пендаровски со Мајк Зафировски и претставници на „Македонија 2025“

Средба на претседателот Пендаровски со Мајк Зафировски и претставници на „Македонија 2025“
Скопје, 20 мај 2022 (МИА) - Претседателот Стево Пендаровски во неговиот Кабинет денеска имаше средба со Мајк Зафировски, ко-основач на „Македонија 2025“ и со претставници на организацијата на која се разговараше за заклучоците и за првичните реакции од 11-то издание на самитот на „Македонија 2025“, на кое во фокусот беа забрзаната дигитална трансформација, регионалната соработка и иновациите. Пендаровски му се заблагодари на Зафировски и на останатите членови на „Македонија 2025“ за нивниот ангажман за придонес кон македонската економија, поттикнувајќи нови генерации на бизнис лидери, неопходни за развојот и иднината на Северна Македонија, соопшти неговиот Кабинет. Соговорниците на средбата, како што се посочува во соопштението, изразија уверување дека „Македонија 2025“, заедно со државните институции, со граѓанскиот сектор, академската и бизнис заедница можат да придонесат за надминување на современите економски предизвици во нашата држава. На средбата, шефот на државата му го врачил македонското државјанство на Мајк Зафировски. Зафировски е успешен светски бизнисмен, со македонско потекло кој живее и работи во САД. Заедно со други бизнисмени од дијаспората е основач на организацијата „Македонија 2025“, која има цел да го поттикнува економскиот развој и привлекувањето на странските инвеститори во Северна Македонија. ев/са/

Остани поврзан