Средба на претседателот на Собранието Гаши со претседателот на ИБАН, Радек Висингер
- Претседателот на Собранието, Африм Гаши, денеска остварил средба со претседателот на Меѓународниот одбор на ревизори за НАТО (ИБАН), Радек Висингер, кој е во посета на Скопје.
Скопје, 10 октомври 2024 (МИА) - Претседателот на Собранието, Африм Гаши, денеска остварил средба со претседателот на Меѓународниот одбор на ревизори за НАТО (ИБАН), Радек Висингер, кој е во посета на Скопје.
На средбата, како што соопшти собраниската прес-служба, биле разменети мислења околу позиционираноста и придонесот на Република Северна Македонија во рамки на НАТО, како релативно нова членка.
Притоа, претседателот Гаши изразил задоволство од можноста да се дискутира за опциите за унапредување на соработката и на процесите во земјава, во областа што ја покрива на ИБАН.
Висингер информирал за структурата и надлежностите на ИБАН, како независно тело за ревизија на НАТО, со мандат да обезбеди поголема сигурност за Алијансата и за владите на земјите-членки, за правилна искористеност на заедничките средства.
- Цел на ревизијата се перформансите на НАТО, за да се оцени економичноста, ефикасноста и ефективноста на активностите, операциите и програмите. За таа цел, како што рече Висингер, ИБАН остварува соработка со врховните ревизорски институции на сите земји членки, стои во соопштението.
На средбата присуствувал и главниот државен ревизор Максим Ацевски, кој информирал за досегашната добра соработка меѓу Државниот завод за ревизија и ИБАН, како и за можностите за понатамошна размена на искуства меѓу двете институции. цр/са/
Фото и видео: Собрание на РСМ