Средба на министрите за надворешни работи на ЕУ во „Гимних“ формат
- Овој тип на состаноци го носат овој назив според замокот Гимних во Германија, каде во 1974 година е одржана правата неформална средба на шефовите за дипломатиите на тогашната Европска Заедница, претходничката на денешната ЕУ. Карактеристиката на овие состаноци е што министрите не се придружувани од нивните помошници или соработници, што атмосферата на средбата го прави полежерна и доверлива за неформална и искрена размена на мислења.
Брисел, 2 февруари 2024 (МИА) – Во Брисел утре ќе започне дводневен неформален состанок на министрите за надворешни работи на земјите членки на ЕУ во „Гимних“ формат.
Овој тип на состаноци го носат овој назив според замокот Гимних во Германија, каде во 1974 година е одржана правата неформална средба на шефовите за дипломатиите на тогашната Европска Заедница, претходничката на денешната ЕУ. Карактеристиката на овие состаноци е што министрите не се придружувани од нивните помошници или соработници, што атмосферата на средбата го прави полежерна и доверлива за неформална и искрена размена на мислења.
Како што јави дописникот на МИА од Брисел, средбата ќе почне со вечера во Африканскиот музеј, на кој ќе присуствуваат и министрите за надворешни работи на земјите членки на Асоцијацијата на државите од Југоисточна Азија (АСЕАН), кои ќе престојуваат во Брисел за учество на 24-от министерски состанок ЕУ-АСЕАН, што ќе се одржи претходно во текот на денот.
„Работниот“ дел од средбата ќе продолжи утре во бриселскиот палата Егмон со дискусија за односите на ЕУ со Африка од аспект на растечките геополитички предизвици на континентот. Според најавите, основа за размената на мислења ќе бидат заклучоците од Самитот ЕУ-Африка од февруари 2022 година.
Оваа дебата е особено значајна во услови кога Африка се соочува со влошена безбедносна ситуација, притисок врз уставните поредоци, стагнирачки социјален и економски развој и загрижувачко влијание на климатските промени.
Средбата попладне ќе продолжи со дискусија за односите меѓу ЕУ и Турција, врз основа заедничката заклучоци од 29 ноември за политичките, економските и трговските односи меѓу двете страни. Министрите, според најавата, ќе разговараат за степенот на можна соработка меѓу ЕУ и Турција во сферата на надворешната и безбедносната политика, како и за демократските реформи во земјата и за стабилноста и безбедноста на регионот на Источниот Медитеран, на кој му припаѓа и членката на Унијата - Кипар. сп/
Фото: ЕУ