Средба Муцунски - Бунфорд, фокус на евроинтеграциите и билатералните односи со Унгарија
- Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски денеска се сретна со специјалниот пратеник за Западен Балкан на Унгарија Жолт Бунфорд.
Скопје, 5 декември 2024 (МИА) - Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски денеска се сретна со специјалниот пратеник за Западен Балкан на Унгарија Жолт Бунфорд.
Како што информира Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, Муцунски и Бунфорд се осврнаа на динамичниот и континуиран политички дијалог меѓу двете пријателски земји во изминатите три децении, како и на одличната билатерална соработка во бројни сектори, со посебен акцент на економскиот план.
- Фокусот на разговорите беше ставен на европската перспектива на земјите од регионот и на принципиелната и континуирана унгарска поддршка во овој контекст, која особено дојде до израз за време на претседавањето на Унгарија со Советот на Европската Унија. Упатувајќи благодарност за недвосмислената и силна поддршка на Унгарија и вложените напори во поддршка на нашата европска интеграција, министерот Муцунски ја нагласи посветеноста на Владата за продолжување на европскиот пат преку исполнување на значајни реформи на домашен план и одговорно дејствување на меѓународната сцена, се наведува во соопштението. мд/нд/
Фото: Министерство за надворешни работи и надворешна трговија