Средба Гаши - Брон Пиве: Ја имате француската поддршка за членство во ЕУ
- Претседателот на Собранието, Африм Гаши, заедно со пратениците Бети Стаменкоска-Трајкоска, Борче Цветков и Саранда Имери Стафаи, денеска остварија средба со претседателката на Националното собрание на Француската Република, Јaел Брон Пиве, информираат од собраниската прес служба.
Среда, 18 декември 2024 (МИА) - Претседателот на Собранието, Африм Гаши, заедно со пратениците Бети Стаменкоска-Трајкоска, Борче Цветков и Саранда Имери Стафаи, денеска остварија средба со претседателката на Националното собрание на Француската Република, Јaел Брон Пиве, информираат од собраниската прес служба.
Гаши изразил особено задоволство од одржувањето средбата, со оглед на фактот што долги години наназад, отсуствува средба во ваков формат во Париз, и надеж дека истата ќе ја исцрта траекторијата на идни средби и ќе внесе силен импулс на плодна соработка меѓу нашите парламенти на сите нивоа.
-Беше потенцирано дека Собранието исклучително ја цени активната француска парламентарна заложба и поддршка за нашите евроинтеграции. Во тој контекст, беше посочено дека за донесувањето на уставните измени, потребни се идни гаранции за спроведување на процесот за пристапување во ЕУ и оценување на земјата исклучиво согласно Копенхашките критериуми и новата методологија за преговори, велат од македонското Собрание.
Претседателката Брон Пиве ја потенцирала важноста на парламентарната дипломатија како важен сегмент во надворешната политика, вклучително и во контекст на ЕУ и честа да биде домаќин на делегација од Собранието на Република Северна Македонија.
Бил пројавен интерес за актуелниот статус на домашната европска агенда, постапката за отворањето на преговарачките кластери и отворените прашања на патот кон ЕУ.
-Бидете уверени дека ја имате поддршката на Франција, која ја споделува Вашата амбиција за спроведување на реформите за членстви во ЕУ и нашата свесност дека таа трка не може да биде бесконечна, бидејќи Ве очекуваме што поскоро во европското семејство, рекла Брон Пиве.
Двајцата соговорници го потврдиле взаемниот интерес за континуирано формирање групи за пријателство меѓу двата парламенти, како и подготвеност за поблиска соработка на сите парламентарни нивоа на поле на европските прашања.
На средбата присуствувале и Елеонор Каруа, потпретседател на Комсијата за надворешна политика, Лоран Мазори, потпретседател на Комисијата за европски прашања и Дамиен Шамиси, генерален секретар на Националното собрание и на Претседателството. сст/аа/
фото Собрание на РСМ