• сабота, 23 ноември 2024

Специјална награда за Милчо Манчевски на фестивалот И-фест во Италија

Специјална награда за Милчо Манчевски на фестивалот И-фест во Италија

Скопје, 18 септември 2023 ( МИА) - Најтрофејниот македонски режисер, Милчо Манчевски овој викенд доби Специјална награда на фестивалот И-фест во Калабрија, Италија. Тој  е почесен гостин на фестивалот, кој го чествува со Ретроспектива на комплетниот опус, од „Пред дождот“, „Прашина“, „Сенки“, „Мајки“, „Бикини Мун“, „Врба“ и „Кајмак“ до кратките „Четврток“ и „Крајот на времето“. 

-Ме изненади наградата и ме потсети на зборовите на тогашниот директор на Венецискиот фестивал, Џило Понтекорво, кога ми ја врачуваше десеттата награда во иста вечер во Венеција: „Баста, сињор Манчевски“. Ја посветувам наградава на сите оние кои вредно работат на филмовите, без никој да знае за нив: истражувачи, публицисти, правници, дистрибутери и други, изјави Манчевски.

Фестивалот се одржува во Националниот парк „Полино“ во Калабрија каде што  покрај Манчевски, чествувааат и две италијански легенди: актерката Клаудија Кардинале и режисерот Франко Зефирели. Исто така, меѓу гостите се и оскаровците Пол Хагис и Куба Гудинг Јуниор, како и  и италијанските ѕвезди Франко Неро и Марија Грација Кучинота.

На 23 септември „Кајмак“ го отвора фестивалот во Тирана, Албанија, а ден претходно Манчевски ќе има официјална средба со градоначалникот на Тирана Ерион Велиај.  Потоа следат фестивалите „Балкан панорама“ во Измир, Турција, и „Avant&Una“ во Бихаќ, БиХ, додека  „Кајмак“ продолжува со фестивалите и во текот на есента. љм/дма/

Фото: И - фест

 

 

Остани поврзан