• сабота, 23 ноември 2024

Спасовски на средба со холандскиот заменик генерален директор за управување со меѓународна миграција

Спасовски на средба со холандскиот заменик генерален директор за управување со меѓународна миграција
Скопје, 29 септември 2022 (МИА) - Делегација од МВР предводена од министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, во рамки на работната посета на Хаг, Кралство Холандија, денеска оствари средба со заменик генералниот директор за управување со меѓународна миграција во Министерството за правда и безбедност Еуке Фабер. На средбата, министерот Спасовски нагласил дека ефикасното управување со границите, миграциите и спречувањето на илегалната миграција долж „Западнобалканската рута“ и понатаму е еден од главните приоритети на МВР. - Граничното управување во голем степен е усогласено со европските стандарди во делот на граничната безбедност, а Министерството за внатрешни работи е еден од главните столбови на националниот систем за Интегрирано гранично управување составен од повеќе државни институции, кој се развива согласно Европскиот концепт, истакнал министерот Спасовски на средбата со Фабер, се наведува во соопштението од МВР. Спасовски оценил дека безбедносната состојба на државните граници е стабилна и без позначителни промени во однос на изминатиот период. Особено внимание, потенцирал, се посветува на раното откривање и спречување на обидите за илегално минување на државната граница, спречувањето на криумчарењето на мигранти, сузбивањето на криминални групи кои вршат криумчарење, идентификацијата на потенцијални жртви на трговија со луѓе и ранливи категории на лица меѓу мигрантите. - Во делот на криумчарењето на мигранти, во периодот од јануари до јули регистрирано е значително зголемување на бројот на откриени случаи - 57, што е зголемување од 119 проценти во однос на истиот период лани, додека бројот на откриени криумчарени мигранти е зголемен за 141 проценти: откриени се 895 криумчарени мигранти наспроти 371 во истиот период лани, што укажува на зголемена ефикасност во откривањето на вакви случаи, информирал министерот Спасовски. Тој укажал на трендовите во периодот јануари – јули, односно дека регистрираните бројки во областа на илегалната миграција, криумчарењето мигранти и поднесените барања за азил се зголемени во поглед на истиот период минатата година, но, забележал, дека тие немаат значителен импакт во однос на националниот систем за управување со миграции. - Во таа насока меѓу нашите главни приоритети е продлабочување и одржувањето на меѓународната соработка – со земјите од регионот, со земјите на транзит и потекло, со агенциите на ЕУ, во прв ред Frontex, Europol, EASO,  на Обединетите Нации - IOM, UNHCR, како и релевантни меѓународни организации - OSCE, ICMPD, DCAF”, подвлекол министерот Спасовски. На средбата се разговарало и за актуелните состојби на глобален план, кои, како што рекол Спасовски, дополнително ги стимулираат потребите за одржување на цврста меѓународна соработка со земјите од овој регион, поради што Република Северна Македонија активно е вклучена и ги поддржува сите меѓународни иницијативи чија цел е јакнење на соработката и безбедноста во регионот, вклучувајќи ја и безбедноста на целиот европски континент. цр/бак/    

Остани поврзан