• среда, 25 декември 2024

Спасовски: Корупцијата ги јаде работните места и економијата, секое барање или нудење поткуп да се пријави

Спасовски: Корупцијата ги јаде работните места и економијата, секое барање или нудење поткуп да се пријави
Скопје, 13 октомври 2022 (МИА) - Владата и МВР борбата со корупцијата ја имаат издигнато на највисоко политичко ниво, почнува од сопствените редови и бара сите заеднички  да избориме со овој феномен, нагласи министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во утринската програма на Националната телевизија, во однос на борбата со корупцијата на национално, но и на институционално ниво. - Корупцијата ги јаде работните места и економијата. Одговорноста треба да ги стигне сите, и оние кои бараат поткуп, и оние кои даваат потпуп. Само заеднички може да си помогнеме во таа битка со корупцијата, истакна Спасовски. МВР, подвлече министерот Спасовски, уште во старт започна со имплементација на низа процедури и активности со цел да се зајакне внатрешната контрола и низа механизми со цел јакнење на интегритетот на полициските службеници. Потсети дека е воспоставен механизам и на надворешна контрола, како посебно одделение на Народниот правобранител т.н. Полициски омбудсман, посебно одделение во Јавното обвинителство кое се занимава исклучиво со законски престапи на полициските службеници. - Преземавме низа механизми во делот на антикорупциските политики, како обврската секој вработен во македонската полиција да пополнува анкетен лист за неговата имотна состојба и за судирот на интереси, појасни министерот Спасовски. Тој потсети дека преку соработка со ИЦИТАП програмата на САД обезбедени се мобилни камери за сите припадници на полицијата во делот на сообраќајот и во делот на граничните премини како механизам на намалување на можни коруптивни влијанија. Притоа, Спасовски го истакна задоволството што сѐ поголем процент граѓани се одважуваат да пријават корупција што значи, подвлече, дека расте довербата во полицијата, но истовремено расте јавната свест кај граѓаните за отфрлање на корупцијата. Министерот Спасовски апелираше до граѓаните секогаш кога има некаква индиција или барање за корупција тоа веднаш да го пријавуваат, бидејќи корупцијата е еден од најопасните феномени. цр/дма/  

Остани поврзан