• недела, 24 ноември 2024

Спасовски домаќин на студентите од Институтот за безбедност, одбрана и мир од Филозофскиот факултет

Спасовски домаќин на студентите од  Институтот за безбедност, одбрана и мир од Филозофскиот факултет

Скопје, 11 декември 2023 

Денеска министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во рамките на проектот „Отворен кабинет“ како дел од концептот „МВР за ГРАЃАНИТЕ“, беше домаќин на студентите од Институтот за безбедност, одбрана и мир од Филозофскиот факултет при Универзитетот Св. „Кирил и Методиј“ во Скопје.

Студентите имаа можност да за запознаат со дел од функционирањето на Министерството за внатрешни работи, при што ја посетија новоотворената зграда на Одделот за форензички испитувања, најголемиот Форензички центар во регионот, каде се запознаа со процесите и начините на прибирање и анализа на доказен материјал од криминалистички истражувања.

За време на посетата, студентите беа примени и во салата за состаноци која се наоѓа во зградата каде што е сместен Кабинетот на министерот за внатрешни работи. Таму студентите беа пречекани од министерот Спасовски, кој изрази  огромна благодарност за нивната посета, појаснувајќи дека во салата заедно со раководството на МВР и БЈБ се одржуваат состаноци, но и средби со министри од други ресори, амбасадори, странски делегации итн.

„Колку сме пообјективни, колку сме потранспарентни кон јавноста, толку е тоа подобро за сите нас. Демократските системи и општества носат транспарентност. Безбедноста најдобро функционира кога имате систем на хиерархија. Ако има ред и дисциплина, ако се знае кој што прави ќе имате и успех“, им посочи министерот Спасовски на студентите, поканувајќи ги во неговиот кабинет, да ја почувствуваат работната атмосфера на министерот за внатрешни работи, каде упати отворена покана за сите кои сакаат да волонтираат за време на студирањето во МВР, а по завршувањето на нивните студии очекува министерството да биде збогатено со стручни и  професионални кадри како нив.

„Вие студентите сте силата која ќе ја влече државата кон подобра иднина во Европската Унија. Според мене, најважната работа е да се има добар тим. Ако имате добар тим, луѓе кои што се професионалци во својата област, работите ќе одат малку полесно. Во Република Северна Македонија нема нарушување на безбедноста од било кој аспект и нема индиции за нејзино нарушување“, истакна министерот Спасовски упатувајќи охрабрувачки пораки да продолжат да бидат добри студенти, а МВР чека на нив како професионалци.

Професорката Марина Митревска, изразувајќи благодарност до министерот за тоа што дозволи и го отвори практично својот кабинет за нејзините студенти, рече дека ова е исклучителна можност да се почувствуваат секојдневните работни обврски на министерот и на  неговиот тим.

„Овие студенти се иднината на безбедносните институции. Ќе продолжиме сигурно и посветено да се грижиме за нивното високо образование, за тие да прераснат во вистински професионалци во својата област“, додаде професорката Митревска.

Министерот за внатрешни работи Спасовски на студентите пред нивното заминување од неговиот кабинет им додели и пригодни подароци.

Министерство за внатрешни работи 

________________________________________________________________________________________ 

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

Остани поврзан