• понеделник, 22 јули 2024

Со Самит во Вашингтон НАТО одбележува 75 години одбрана, заштита на слободата и демократија и интеграција

Со Самит во Вашингтон НАТО одбележува 75 години одбрана, заштита на слободата и демократија и интеграција

Брисел, 9 јули 2024 (МИА) – Македонска владина делегација предводена од премиерот Христијан Мицкоски од денеска до четврток ќе учествува на Самитот на НАТО во Вашингтон, на кој ќе се одбележи 75-годишнината од формирањето на Алијансата во 1949 година и на кој главни теми ќе бидат обезбедувањето сигурна и стабилна поддршка за Украина, плановите за одвраќање и одбрана на членките на Пактот, зајакнувањето на одбранбена индустрија и инвестициите и зацврстувањето на глобалните партнерства.  

Во состав на владината делегација се и министрите за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски, за одбрана Владо Мисајловски и за внатрешни работи Панче Тошковски. 

Во пресрет на Самитот, шефот на дипломатијата Муцунски на Фејсбук видео порака по повод средбата во која оцени дека „настанот е одлична можност да ги демонстрираме единството на сите сојузници и заемните заложби за понатамошно унапредување на трансатлантската соработка“. 

Најавувајќи го учеството на македонската делегација на собирот, Муцунски упати благодарност до „нашите стратегиски партнери за организацијата на овој историски самит, на кој Алијансата одбележува 75 години постоење“.  

- Ние и понатаму продолжуваме да бидеме кредибилен НАТО-сојузник, со повеќе од два отсто од БДП за инвестиции во одбраната, како и со поддршката што ѝ ја даваме на Украина, истакна Муцунски во пораката.

НАТО прекинува со обуката на ирачките сили за безбедност по убиството крај Багдад на иранскиот генерал Касим Сулејмани.

Цели и заложби на НАТО 

Целта на НАТО е да ја гарантира слободата и безбедноста на своите членки, како клучни за нивната благосостојба, преку политички и воени средства. 

Во воведниот текст на Основачкиот договор на НАТО се посочува дека земјите членки ја потврдуваат својата посветеност на целите и принципите на Повелбата на ОН и на нивната желба да живеат во мир со сите народи и сите влади, за што тие се решени „да ја заштитат слободата, заедничкото наследство и цивилизацијата на нивните народи, засновани на принципите на демократијата, индивидуалната слобода и владеењето на правото, се обидуваат да промовираат стабилност и благосостојба во северноатлантската област и се решени да ги обединат своите напори за колективна одбрана и за зачувување на мирот и безбедноста“. 

На политичко ниво НАТО ги промовира демократските вредности и им овозможува на членките да се консултираат и да соработуваат за прашања поврзани со одбраната и безбедноста за да ги решат проблемите, да изградат доверба и, на долг рок, да спречат конфликт. 

На воено ниво пак, Алијансата е посветена на мирољубиво решавање на споровите, но ако дипломатските напори не успеат, таа има моќ, сама или во соработка со други земји и меѓународни организации, да преземе операции за справување со кризи, согласно Членот 5 од Основачкиот договор на НАТО или со мандат на Обединетите нации. 

Врз основа на Членот 5 од Вашингтонскиот основачки договор челнките се согласуваат дека вооружениот напад врз еден или повеќе од нив во Европа или Северна Америка ќе се смета за напад врз сите и следствено на тоа „тие се согласуваат дека доколку се случи таков вооружен напад, секоја од нив, во остварување на правото на поединец или колективната самоодбрана призната со член 51 од Повелбата на Обединетите нации, ќе ѝ помогнат на страната или страните кои се нападнати, со тоа што веднаш, поединечно и во соработка со другите страни, ќе преземат такви дејствија како што се сметаат за неопходни, вклучително и употреба на вооружена сила, за да се врати и одржи безбедноста на северноатлантската област“. 

Две ракети експлодираа во ирачка база во која се сместени и американски војници.

Во вториот став на Членот 5 се нагласува дека за секој таков вооружен напад и за сите мерки преземени како резултат на него, веднаш ќе бе известен Советот за безбедност на ОН. - Таквите мерки ќе бидат прекинати кога Советот за безбедност ќе ги преземе неопходните мерки за обновување и одржување на меѓународниот мир и безбедност, се додава во членот. 

Членот 4 на Договорот, пак, предвидува дека членките ќе се консултираат заедно секогаш кога, според мислењето на која било од нив, се загрозени територијалниот интегритет, политичката независност или безбедноста на која било од страните. 

Од формирањето на Алијансата во 1949 година, одредбата од Членот 4 досега е активирана седум пати и тоа во пет случаи на барање на Турција која иницираше консултации на Северноатлантскиот совет. Првото барање на Турција беше на 10 февруари 2003 година поради „закана за нејзиното население или територија како резултат на вооружен конфликт во Ирак“, по што НАТО во одговор ја спроведе операцијата „Приказ на одвраќање“, потоа во два наврати во 2012 година, прво на 22 јуни при уривањето на турски борбен авион од страна на сириската противвоздушна одбрана, а потоа и на 3 октомври, кога при ракетен напад од територија на Сирија беа убиени петмина турски цивили, што резултираше со распоредување на ракети Патриот долж границата. Во 2015 Турција одново го активираше овој член по терористичките напади на 26 јули, како и на 28 февруари 2020 година по загинувањето на турски војници при сириски воздушен напад во провинцијата Идлиб. 

На 3 март 2014 година, пак, активирање на Членот 4 од договорот побара Полска поради „зголемените тензии во соседна Украина, како резултат на агресивните дејства на Русија“, а на 24 февруари 2022 година беше доставено заедничко барање на Бугарија, Естонија, Летонија, Литванија, Полска, Романија, Словачка и Чешка за одржување консултации по стартот на руската инвазија врз Украина. 

Земјите членки на НАТО се консултираат и носат одлуки за безбедносни прашања на сите нивоа и на различни полиња. Носењето одлука на ниво на НАТО е израз на колективната волја на сите 32 земји членки, бидејќи сите одлуки се носат со консензус. 

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев, заедно со лидерите на земјите - членки на НАТО, учествуваше во централниот работен дел на годинашниот Самит на Алијансата,

Кратка историја на НАТО 

Кога станува збор за формирањето на НАТО вообичаено се оценува дека Пактот е создаден како резултат на заканата од поранешниот Советски Сојуз, но во суштина зад неговото раѓање лежеа три цели - одвраќање на советскиот експанзионизам, спечување на заживување на националистичкиот милитаризам во Европа и охрабрување на европската политичка интеграција. 

Во услови на последиците од Втората светска војна, во која загинаа речиси 36,5 милиони Европејци, од кои 19 милиони цивили, САД решија да се откажат од традиционалната политика на изолационизам, промовирајќи го Маршаловиот план за помош и поддршка на европските земји во нивната обнова и економска стабилизација. Зајакнатата економска и политичка соработка, но и заканата од советскиот експанзионизам, ја наметна потребата и од поголема воена соработка и колективна одбрана, што резултираше прво со создавањето на Западната унија во 1948 година, а една година подоцна и со потпишувањето на Северноатлантскиот договор, со што се формираше НАТО. 

Северноатлантскиот договор беше потпишан на 4 април 1949 година во Вашингтон од страна на 12 земји - Белгија, Велика Британија, Данска, Исланд, Италија, Канада, Луксембург, Норвешка, Португалија, САД, Франција и Холандија, по што следеше и создавање на воена структура за ефективно координирање на заедничките безбедносни акции. Консолидирана командна структура со Врховниот штаб на сојузничките сили во Европа беше воспоставена во париското предградие Рокенкур, во близина на Версај, а за прв врховен командант на сојузничките сили во Европа беше именуван американскиот генерал Двајт Ајзенхауер. Набргу потоа, беше основаа постојан Цивилен секретаријат на НАТО во Париз и за прв генерален секретар на Алијансата беше именуван британскиот лорд Хастингс Лионел Исмеј. 

Со помошта и безбедносниот чадор, постепено беше обновена политичката стабилност во Западна Европа и започна повоеното економско чудо. Во 1952 година кон НАТО се приклучија Грција и Турција, а во 1955 година и Западна Германија. Како реакција на пристапувањето на Западна Германија во НАТО, Советскиот Сојуз и неговите источноевропски земји сојузници истата година го формираа Варшавскиот пакт, како пандан на Алијансата. 

Во тој период НАТО ја усвои стратешката доктрина за „масовна одмазда“, која предвидуваше употреба на нуклеарно оружје доколку Алијансата или нејзина членка бидат нападнат од страна на Советскиот Сојуз и чија примарна цел беше промоција на политиката на одвраќање од користење на атомско оружје. Ваквата доктрина и самата Алијанса овозможија европските членки на НАТО да се фокусираат на економски раст, наместо на одржувањето на големи конвенционални армии, зајакнување на политичката соработка, а потоа, по 1956 година, и воспоставување на Научната програма на Пактот. 

Во првата половина од 60-те година на минатиот век дојде до пораст на тензиите во Студената војна, што кулминираа со „Кубанската криза“, која беше надминат со договор за прифаќање на статусот кво и релаксација на тензиите меѓу западниот и источниот блок преку политиката на детант. 

Во март 1966 година Франција објави повлекување од воената командна структура на НАТО и побара дислокација на сите штабови на Алијансата од француска територија. Во март 1967 година Врховниот штаб на сојузничките сили во Европа се пресели во местото Касто во западна Белгија, а во октомври истата година седиштето на НАТО беше префрлено во Брисел. 

Во декември 1967 година беше промовирана политиката на дијалог меѓу НАТО и Варшавскиот пакт, што резултираше со свикување на Конференцијата за безбедност и соработка во Европа (КЕБС) во 1973 година, а две години подоцна и со усвојување на Завршниот акт во Хелсинки, со кој потписниците се обврзаа на почитување на основните слободи на своите граѓани, вклучително и на слободата на мислата, совеста, религијата или верувањето.  

Но, детантот беше суспендиран со советската инвазија врз Авганистан во 1979 година и распоредувањето на балистички ракети СС-20 во Источна Европа, што резултираше со стационирање на крстосувачки ракети Першинг 2 од страна на НАТО во западниот дел на континентот. Доаѓањето на Михаил Горбачов за советски лидер во 1985 година доведе до ново намалување на тензиите, по што уследи потпишувањето на Договорот за нуклеарните сили со среден дострел (ИНФ) меѓу САД и СССР, кој предвидуваше отстранување на сите нуклеарни балистички и крстосувачки ракети со среден дострел. Во овој период, во 1982 година, НАТО се прошири со уште една членка – Шпанија. 

Крајот на 80-те години на минатиот век доведоа до пад на комунистичките режими во Источна Европа, крај на Студената војна и до распаѓање на Варшавскиот пакт. Распадот на советскиот блок го покрена прашањето од понатамошна потреба од постоење на НАТО, но тој сепак опстои и во постсоветскиот период благодарение на неговите два други постулати - спечување на заживување на милитантниот национализам во Европа и зајакнување на демократизацијата и европската политичка интеграција. 

Првиот тест за новата улога на НАТО го поставија воените судири во поранешна Југославија, при што Алијансата ја понуди својата целосна поддршка на напорите на ОН за ставање крај на конфликтот, вклучително и преку директна воена акција во форма на поморско ембарго, воспоставување на зоната забранета за летови, па до воздушни напади, што помогна за завршувањето на војната. Во декември 1995 година со мандат од ОН, НАТО распореди мултинационални сили во БиХ за помош во спроведувањето на Дејтонскиот мировен договор и за создавање услови за самоодржлив мир. Во 2004 година, НАТО оваа мисија и ја препушти на ЕУ. 

Конфликтот во поранешна Југославија и судирите во други региони покажа дека вакуумот за моќ по Студената војна стана извор за опасна нестабилност, поради што се наметна потребата од зајакнување на соработката на НАТО со земјите што не се негови членки. Во декември 1991 година, беше основан Северноатлантскиот совет за соработка, преименуван во Евроатлански партнерски совет во 1997 година, во 1994 година НАТО го основа Медитеранскиот дијалог со Египет, Израел, Јордан, Мавританија, Мароко и Тунис, кон кој во 2000-та се приклучи Алжир. Истата 1994 година, беше промовирана програмата Партнерство за мир, како прв чекор кон идно полноправно членство во НАТО. По ова на Самитот во Вашингтон во 1999 година, кон Алијансата се приклучија Полска Унгарија и Чешка. 

Во пролетта 1999 година, Алијансата се вклучи во воздушни напади врз поранешна СР Југославија, во рамки на меѓународните напори за ставање крај на конфликтот меѓу албанските сепаратисти во Косово и југословенската војска и полиција. Воздушната кампања заврши на 4 јуни, по што набрзо уследи и повлекување на југословенската армија од Косово и распоредувањето на мировните Косовски сили (КФОР), предводени од НАТО. 

Искуствата со учествата во конфликтите во БиХ и Косово ја поттикнаа трансформацијата на Алијансата во подинамична и поодговорна организација, што резултираше со нов стратешки концепт за соочување со „комплексни нови ризици за евроатлантскиот мир и безбедност, вклучувајќи угнетување, етнички конфликти, економски кризи, колапс на политичкиот поредок и ширењето на оружјето за масовно уништување“. 

Терористичките напади на Ал Каеда, поддржана од талибанскиот режим во Авганистан, на 11 септември 2001 година врз Светскиот трговски центар во Њујорк и Пентагон во Вашингтон, резултираа со прво активирање на Членот 5 од Основачкиот договор на НАТО за колективна одбрана (член 5). Ова резултираше со воена интервенција во Авганистан во есента 2001 година во која учествуваа многу сојузници на НАТО, што доведе до уривање на талибанскиот режим во Кабул и создавање на Меѓународните сили за безбедносна помош (ИСАФ) во земјата, врз кои Алијансата ја презеде командата во август 2003 година. 

Во меѓувреме, НАТО продолжи со прием на нови членки и создавање нови партнерства. Во 2002 година беше формиран Советот НАТО-Русија за соработка за безбедносни прашања од заеднички интерес. Во 2004 година кон НАТО се приклучија Бугарија, Естонија, Летонија, Литванија, Романија, Словачка и Словенија, во 2009 - Албанија и Хрватска, во 2017 - Црна Гора, во 2020 - Северна Македонија, во 2023 – Финска, а во 2024 година кон Алијансата се придружи и Шведска, со што Пактот дојде до бројка од 32 членки.  

Патот на Северна Македонија до членство во НАТО 

Земјава стана 30-та членка на НАТО на 27 март 2020 година, со што се оствари нејзината стратешка определбата за евро-атлантска интеграција утврдена во 1993 година, кога Собранието усвои Резолуција со која се дефинирани нејзините надворешно политички приоритети - членството во НАТО и во ЕУ. 

На тој датум, во услови кога светот се соочуваше со пандемијата на Ковид-19, вршителката на должност македонски амбасадор во САД, Вилма Петковска на американскиот помошник државен секретар за Европа и Евроазија, амбасадорот Филип Рикер во Вашингтон му го предаде оригиналниот документ на ратификација од Пристапниот протокол за членство. Само три дена подоцна, на 30 март, македонското знаме беше кренато пред седиштето на НАТО во Брисел заедно со знамињата на останатите држави членки на Алијансата. 

Патот кон НАТО започна на 15 ноември 1995 година, кога државава го потпиша Рамковниот документ за пристапување кон програмата Партнерство за мир. На 14 јуни следната година беше отворена Канцеларија за врски, а при крајот на 1997-та и Постојаната мисија во седиштето на НАТО во Брисел. Во април 1999 година на Самитот на НАТО во Вашингтон, земјата доби статус на кандидат за членство во Алијансата, по што се отпочна со подготовка и реализација на Акцискиот план за членство. 

Во финалната Декларација од Самитот на НАТО во Букурешт во 2008 година, Алијансата донесе одлука дека земјата ќе добие покана за членство по решавањето на спорот за името со Грција. Во рамки на декларациите на следните Самити на НАТО во Лисабон во 2010, Чикаго цо 2012, Кардиф во 2014 и Варшава во 2016-та, беше повторена формулацијата од Букурешт дека Алијансата ќе упати покана за членство во НАТО веднаш по постигнувањето на взаемно прифатливо решение за името со Грција во рамки на ОН. 

На 27 март 2020 година Република Северна Македонија стана 30-та земја членка на НАТО, со што се реализираше една од најважни стратешки цели на државата, што беше зацртана со едногласна одлука

На Самитот на НАТО на 11 и 12 јули 2018 година во Брисел конечно беше донесена одлука земјата да добие покана да ги започне пристапните разговори за членство во Алијансата, по што на 1 август, генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг упати писмо до министерот за надворешни работи заедно со План за спроведување на процесот на пристапување на земјата во НАТО. 

На 18 и 19 октомври 2018 година на состанок одржан во седиштето на НАТО во Брисел успешно завршиja пристапните разговори за членство на земјата во Алијансата, по што на 21 јануари 2019 година, министерот за надворешни работи упати писмо до Столтенберг во кое беше изразена подготвеноста и способноста на државата да ги прифати и почитува обврските и заложбите за членство во НАТО, содржани во Вашингтонскиот договор и Студијата за проширување на НАТО од 1995 година, како и желбата за добивање на покана за пристапување кон Пактот. 

На 6 февруари 2019 година во седиштето на НАТО во Брисел претставниците на 29-те тогашни земји членки го потпишаа Пристапниот протокол за членство на Република Северна Македонија во Алијансата, по што започна постапката за ратификација на Пристапниот протокол од страна на земјите членки, која беше финализирана на 19 март 2020 година, кога шпанскиот амбасадор во Вашингтон го предаде инструментот за ратификација на Вашингтонскиот договор, со што се заокружи третата и последна фаза од пристапниот процес. 

На 11 февруари 2020 година, Собранието едногласно го ратификуваше Северноатлантскиот договор, по што на 20 март следеше и потпишување на Инструментот за ратификација на Пристапниот протокол за членство во НАТО од страна на претседателот на Републиката. 

Конечно, на 27 март 2020 година тој Инструмент беше депониран во американскиот Стејт департментот со што Република Северна Македонија и официјално стана 30-та земја членка на Алијансата.  

Изминативе години земјава се докажа како кредибилен партнер и сојузник во НАТО, како држава со меѓу најголемите придонеси за поддршка на Украина по глава на жител и со надминувањето на утврдениот праг за одвојување на средства за одбраната од два отсто, со тоа што за оваа година од Буџетот е предвидена сума од 2,22 проценти од БДП за одбранбени потреби. 

НАТО во новиот век 

Новите предизвици покажаа дека воената моќ не е доволна за да се обезбедат мир и стабилност и дека одржувањето на мирот е исто толку тешко како и неговото обезбедување. Затоа, со новиот стратешки концепт, договорен во 2010 година, Алијансата се обврза да се справува со „сите фази на кризата – пред, за време и потоа“, како сеопфатен принцип што подразбира поголема улога на кооперативната безбедност. Геополитичката нестабилност бара сложени лекови кои комбинираат воена моќ, дипломатија и постконфликтна стабилизација, а само најшироката можна коалиција на меѓународните актери може да ги обезбеди сите три елементи.  

Руската илегална анексија на Крим во 2014 година и нејзината неоправдана и неиспровоцирана инвазија врз Украина ја докажаа важноста на основната задача на НАТО - колективната одбрана. Ова, заедно со сирискиот конфликт, подемот на тероризмот, мигрантската криза, етничките и верските судири, демографските притисоци и економските кризи и кибер нападите и ширењето дезинформации и пропаганда, создаваат нова сложено безбедносна средина, што одново ја става на тест флексибилноста на НАТО. 

Од нејзиното основање во 1949 година, флексибилноста на Трансатлантската алијанса, вградена во нејзиниот првичен договор и овозможи да одговара на различните барања на различни времиња. Во 50-тите години, Алијансата беше чисто одбранбена организација, во 60-тите стана политички инструмент за детантот, а во последната деценија на минатиот век, НАТО беше алатка за стабилизација на Источна Европа и Централна Азија преку инкорпорирање на нови партнери и сојузници.  

Во првата половина на 21 век, НАТО се соочува со се поголем број нови закани, па затоа како камен темелник на трансатлантскиот мир и слобода, Алијансата мора да биде подготвена да одговори на новите предизвици. 

Новата дефиниција на поимот за „безбедност“ не вклучува само одбрана на сојузниците, туку таа радикално се прошири за да ја вклучи и слободата на поединецот од насилниот екстремизам што предизвикува нестабилност и со кој не успеваат да се справат одделни држави. Успешното одржување на мирот не подразбира само гарантирање на безбедноста, туку и давање значаен придонес за кохерентен меѓународен одговор на безбедносните предизвици. сп/

Фото: НАТО/МИА Архива

Остани поврзан