• понеделник, 23 декември 2024

Со рафтинг на Вардар почна одбележувањето на 80 години слободно Демир Капија 

Со рафтинг на Вардар почна одбележувањето на 80 години слободно Демир Капија 

Демир Капија, 3 ноември 2024 (МИА) - Демир Капија денеска го започна одбележувањето осумдесетгодишнината од ослободувањето со рекреативно спуштање со кајак и рафтинг по реката Вардар.

Како што соопштуваат од Општина Демир Капија, за одбележувањето на јубилејот подготвена е петдневна програма исполнета со разновидни активности за секоја генерација.

- Имаме низа активности со кои го одбележуваме значајниот јубилеен празник 7 Ноември, 80 години од ослободувањето на Демир Капија. Во чест на оваа важна годишнина, подготвивме петдневна програма, исполнета со разновидни активности за секоја генерација, кои го слават нашиот дух, традиција и иднина, информираа попладнево од демиркаписката локална самоуправа, стои во соопштението. 

Оттаму појаснија дека активностите ќе се реализираат во период од денеска до седми ноември, а во нив се вклучени спортски, рекреативни и образовни настани, културно – уметничка програма и свечен протоколарен дел со доделување на награди и признанија за оние кои даваат значителен придонес за заедницата. 

- Овој јубилеј е повеќе од обичен празник, тој е спомен на жртвите и борбите што овозможија денес Демир Капија да биде град кој е слободен, жив и полн со потенцијал. Програмата е создадена со желба секој од нас да го најде своето место во овие пет дена. Празниците како овој ни даваат можност да се сетиме на нашите корени, но и да изградиме иднина со заеднички дух и ангажираност, подвлекоа од Општината. 

Свечената седница на Советот на Општина Демир Капија, како централен настан е предвидено да се одржи на 7 Ноември, во Домот на културата „Мирка Гинова“ Демир Капија, со почеток во 13 часот. свд/ра

Фото: Петре Пашоев 

 

Остани поврзан