• четврток, 07 ноември 2024

Со одлука на Владата се забрзува процедурата за добивање пасоши за професионалните превозници

Со одлука на Владата се забрзува процедурата за добивање пасоши за професионалните превозници

Скопје, 27 февруари 2024 (МИА) – Превозниците кои вршат патнички товарен транспорт и од Министерството за транспорт и врски имаат сертификат за професионален возач може да извадат патна исправа приоритетно и по редовна цена. Владата на седница попладнево ја усвои информацијата на Министерството која, всушност, е иницијатива на здруженијата на транспортери кои на средба со министерот Благој Бочварски во петокот во Штип побараа да се забрза процесот за добивање пасоши за нивните членови.

Превозниците кои вршат патнички товарен транспорт и од Министерството за транспорт и врски имаат сертификат за професионален возач може да извадат патна исправа приоритетно и по редовна цена.

Министерот Бочварски во изјава за МИА соопшти дека Владата на седница го задолжила Министерството за внатрешни работи кое веќе утре од Министерството за транспорт и врски ќе го добие списокот на возачи со сертификат кои немаат патна исправа. Здруженијата на транспортери, рече Бочварски, до нив доставиле список со 120 возачи – дел од нив веќе се во постапка за издавање пасош, а дел треба да ја почнат постапката. 

-Изнаоѓаме решение како Влада за издавање патни исправи по брза лента со цел да излеземе во пресрет на оваа многу значајна дејност за државата, имајќи предвид дека околу 90 проценти од транспортот на товар во државата се врши по патниот сообраќај. Од транспортниот сектор многу зависи домашната економија и затоа сакаме да овозможиме транспортот да не трпи поради состојбата што во моментов ја имаме со патните исправи. Денеска го отворивме прашањето на Влада, по барањето на здруженијата на транспортери, разговаравме и Владата ја усвои таа информација и МВР се задолжи да ги забрза процедурите за професионалните возачи. Очекувам за десетина дена да биде завршена процедурата од започнување до издавање на патната исправа на возачите, изјави Бочварски и нагласи дека цената ќе биде за редовна постапка за возачите да не бидат оптоварени финансиски да плаќаат за итна постапка. 

Посочи дека Министерството за транспорт и врски ќе биде во контакт со здруженијата на превозници доколку има потреба да се дополни списокот и ќе се координира со Министерството за внатрешни работи. 

Во земјава има околу 16 000 возачи  со сертификат за професионален возач издаден од Министерството за транспорт и врски. хс/ев/

Фото: МИА 

 

Остани поврзан