• среда, 27 ноември 2024

Министерството за енергетика станува оперативно, се укинува Агенцијата за енергетика

Министерството за енергетика станува оперативно, се укинува Агенцијата за енергетика

Скопје, 11 јули 2024 (МИА) - Со десет закони од областа на енергетиката кои денеска се на дневен ред на собраниската седница, новото Министерство за енергетика ќе стане оперативно, а ќе се укине Агенцијата за енергетика и управниот одбор на Агенцијата за задолжителни нафтени деривати. 

Надлежностите и вработените од Агенцијата за енергетика ќе преминат во новото Министерство, а надлежноста на управниот одбор на Агенцијата за задолжителни нафтени деривати ќе ги преземат новото Министерство за енергетика и директорот на Агенцијата. 

 - Агенцијата за енергетика нема повеќе да постои. Надлежностите и вработените ќе бидат превземени од Министерството за енергетика, а нема повеќе да има директор и Управен одбор. Во оваа насока, во Агенцијата за задолжителни нафтени резерви се разрешува постојниот управен одбор и повеќе нема да постои овој орган. Надлежностите на Управниот одбор преминуваат кај Министерството за енергетика и кај директорот на Агенцијата. Накратко, укинуваме два управни одбори, еден директор и една институција, изјави денеска на прес-конференција пратеникот Бојан Стојановски од ВМРО-ДПМНЕ. 

Со предложените закони преминуваат кон новото Министерство и надлежностите од областа на енергетиката, рударството и минералните суровини што досега беа во рамки на Министерството за економија. 

Од ВМРО-ДПМНЕ очекуваат дека опозицијата ќе даде поддршка на предложените законски решенија. бак/ац/

Фото. Принтскрин

Остани поврзан