Социјалното претприемништво можност најранливите да се интегрираат на пазарот на труд
- Секоја држава треба да развие социјална економија односно социјално претприемништво преку кое ќе ги интегрира ранливите категории и ќе ги направи активни придонесувачи, а не само примачи на с
Скопје, 13 јуни 2022 (МИА) - Секоја држава треба да развие социјална економија односно социјално претприемништво преку кое ќе ги интегрира ранливите категории и ќе ги направи активни придонесувачи, а не само примачи на социјална помош, истакнаа учесниците на денешната Конференција наменета за промоција на социјалното претпримништво пред приватниот сектор.
-Државата треба да ги интегрира лицата со ранливи категории. Формалната економија ги исклучува ги бидејќи профитот е најважната работа. Во социјалното претприемништво сакаме да ги вклучиме оние кои се оставени настрана, но, преку процес на милосрдие, туку преку пристап да ги направиме активни продонесувачи во економијата, рече Барбара Садовска од проектот „Поддршка на социјалните претпријатија“.
Таа додаде дека во земјава има многу социјални претпријатија, иако се уште нема закон со кој уредува оваа област, но нагласи дека наскоро и тоа ќе се случи.
-Многу е важно оние кои се послаби и ранливи, кои не се доволно едуцирани, кои имаат одредени социјални проблеми да бидат тренирани обучени и повторно интегрирани бидејќи ова е начинот, а не да се држат на социјална помош, рече Садовска.
Заменик министерот за труд и социјална политика Енвер Хусејин истакна дека искрена заложба на институцијата што ја претставува е развој на социјалната економија и поддршка за развој на социјалните претпријатија.
Според него, вложувањето во развојот на еко системот на социјална инвестиции подразбира креирање, култура на социјално претприемништо, пилотирање на иновативни финансиски инструменти и можности за финансиска поддршка за социјалните претпријатија од страна на државата.
-Социјалните претпријатија создаваат еднакви шанси и еднакво општество за сите, придонесуваат кон еколошки и економски развој, но и во намалување на сиромаштијата кај најранливите. Тие го помагаат економскиот раст и влијаат позитивно на социјалната кохезија, истакна Хусејин.
На конференција наменета за промоција на социјалното претпримништво пред приватниот сектор, ќе бидат презентирани социјалните претпријатија и ќе се дискутира како компаниите да бидат посолидарни, а социјалните претпријатија да го зголемат својот претриемачки дух.
Социјалните претпријатија, како „Избор“, „Еднаквост“, „Мама органа“, „Ин Виво“ кои ќе имаат свое излагање ќе го приближат концептот до компаниите, нудејќи и начини за тоа како тие да се вклучат, било како инвеститори или инволвирајќи ги социјаните претпријатија во својот синџир на набавки.
Проектот „Поддршка на социјалните претпријатија“ е финансиран од ЕУ, а имплементиран од Ептиса, во конзорциум со Барка и Екорис, каде корисник е Министерството за труд и социјална политика. сст/са/