• понеделник, 16 декември 2024

Состанок за подготовка на новата Рамка за соработка за одржлив развој (2026-2030) помеѓу Обединетите нации и Северна Македонија

Состанок за подготовка на новата Рамка за соработка за одржлив развој (2026-2030) помеѓу Обединетите нации и Северна Македонија

Скопје, 15 ноември 2024 (МИА) – Состанок за подготовка на новата Рамка за соработка за одржлив развој (2026-2030) помеѓу Обединетите нации и Република Северна Македонија се одржа денеска во Министерството за надворешни работи и надворешна трговија.

Постојаната координаторка на Обединетите нации во земјава, Рита Колумбија, во воведното обраќање рече дека на состанокот ќе се дискутира за клучните приоритети до 2030 година, фокусирајќи се, рече, како да се забрза постигнувањето на Целите за одржлив развој на ОН и дека исходот од дискусијата ќе послужи како темел за новата УНСДЦФ за 2026-2030, „водејќи ја работата на агенциите на ОН  во Северна Македонија низ тој период“.

Соопшти дека тимот на ОН во земјава е при крај со разработката на Рамката за соработка за одржлив развој која, рече, и помага на Северна Македонија да напредува во своите национални приоритети.

-И додека тимот направи значајни постигнувања во земјата, потребни се повеќе напори за да се забрза постигнувањето на Целите за одржлив развој коишто се во основата на Националната стратегија за развој и процесот на пристапување кон Европската Унија... Семејството на ОН е овде да ве ислуша и да дискутира како најдобро може да ја поддржиме земјата во постигнување на овие цели, рече Колумбија.

Додаде дека на состанокот претставуваат 14 агенции на Обединетите нации присутни во земјава, а дека уште осум кои имаат регионална претставеност и се отсутни „исто така ја поддржуваат Северна Македонија во постигнување на нејзините цели“.

Претседателот на Владата Христијан Мицкоски истакна дека „ОН со своите агенции се наш докажан партнер за дијалог и активен поддржувач во голем број секторски стратегии и политики“.

-Споделуваме заедничка мисија за подобрување на целокупната клима на општеството, живееме со конкретни програми и проекти кои задираат во подобрување на благосостојбата на населението и општеството во целост. Во таа насока е нашата отвореност за продлабочена соработка низ дијалог за ресорните министри, заменици министри во Владата присутни денес овде, со цел конципирање на стратешка рамка која треба да даде одговор на сите сложени предизвици со кои се соочуваме. Новата Рамка за соработка за одржлив развој за 2026-2030 претставува колективна посветеност кон Агендата за одржлив развој, со наш инклузивен пристап, се нагласува партнерството на Владата, граѓанското општество и приватниот сектор за успешно да се реализираат националните приоритети и да се забрза напредокот кон Целите за одржлив развој, а со тоа и да се подобрат условите за живот на сите наши граѓани, рече Мицкоски нагласувајќи дека инклузивноста е во основа на Рамката.

Потсети и дека минатиот месец беше донесена Националната развојна стратегија за периодот 2024-2044 која, рече, претставува сеопфатен документ за економскиот, социјалниот, еколошкиот и културниот развој на нашата држава во наредните две децении. Притоа нагласи дека е „нужно потребна комплементарност“ меѓу новата Рамка и Националната развојна стратегија и дека „само преку заеднички активности можеме да создадеме одржлива иднина корисна за сите нас“.

Домаќинот на состанокот, министерот Тимчо Муцунски, посочи дека Рамката опфаќа јасно дефинирани цели и мерки за следење на напредокот и дека треба да биде наш стратешки план и усогласена со Целите за одржлив развој на ОН кои, рече, се насочени кон клучни области, како што се сиромаштијата, климатските промени, владеењето на правото, здравството, образованието, мирот...

-Но она што е многу важно е дека нуди пристап кон луѓето, ја нагласува инклузивноста фокусирајќи се на маргинализираните и ранливите заедници, осигурувајќи дека никој нема да биде изоставен. Оваа Рамка претставува можност да направиме значен чекор кон исполнување на Глобалните цели за одржлив развој, истовремено создавајќи модел кој ги одразува специфичните потреби на нашето општество. За нас, одржливиот развој значи градење општество во кое сите ќе имаат еднаква шанса за напредок, независно од нивната социоекономска состојба, етничка припадност или место на живеење, истакна Муцунски во воведното обраќање на состанокот што денеска се одржува во МНРНТ.  хс/ац/

Фото: МНР

Остани поврзан