• вторник, 24 декември 2024

Советот на Општина Центар донесе Одлука за доуредување на начинот на обезбедување паркинг места со употреба на механизирани паркинг системи

Советот на Општина Центар донесе Одлука за доуредување на начинот на обезбедување паркинг места со употреба на механизирани паркинг системи
Скопје, 27 септември 2022 (МИА) - На денешната 14-та седница, Советот на Општина Центар донесе Одлука за доуредување на начинот на обезбедување паркинг места во рамките на градежна парцела со употреба на механизирани паркинг системи, информираат од Општина Центар. - Со оваа одлука се пропишува начинот на обезбедување паркинг места со употреба на механизирани паркинг системи (т.н. „клацкалки“) во рамките на градежните парцели. Механизирани паркинг системи се сите видови на машински потпомогнати системи со кои се обезбедува подигање и/или спуштање на возила со цел искористување на просторот под, односно над друго возило како дополнително паркинг место, а притоа не претставуваат градежни структури, велат од Општина Центар. Според оваа одлука, се забранува употребата на механизирани паркинг системи со повеќе од две нивоа, а нивната употреба се ограничува во рамки на градежната парцела, односно во делот кој е предвиден за градење, каде што системите може да се поставуваат на приземното ниво и во подземните нивоа. - Оваа одлука неколку месеци ја разработуваме, за да можеме да ја образложиме и претставиме пред Советот. Најголем проблем се зградите и паркинзите таму, а наше е да имаме законски увид. Со оваа одлука решаваме еден голем проблем, а размислуваме да се формира комисија за домување, која за задача ќе има по градењето да врши увид на терен, да види што се случува со паркирањето и дали се користат механизираните системи, изјави на седницата градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски. Во градежните парцели со површина до 1000 метри квадратни, дозволена е употреба на механизирани паркинг системи доколку најмалку 50% од потребниот број на паркинг места се обезбедени без механизирани системи, а за оние парцели со површина од над 1000 метри квадратни дозволена е употреба доколку најмалку 90% од потребниот број на паркинг места се без паркинг системи. сх/са/

Остани поврзан