• среда, 25 декември 2024

Советот на Општина Охрид одобри долгорочно задолжување за сервисирање на преостанатиот долг на Општината

Советот на Општина Охрид одобри долгорочно задолжување за сервисирање на преостанатиот долг на Општината
Охрид, 22 јули 2021 (МИА) – Мнозинството во Советот на Општина Охрид денеска донесе одлука за долгорочно задолжување, како мерка за сервисирање на преостанатиот долг на општината. Градоначалникот Константин Георгиески за одлуката изјави дека е исчекор кон исполнување на една од најзачајните цели - враќањето на финансиската стабилност на Општина Охрид и заокружување на процесот на раздолжување на Општината. - По денешната одлука за задолжување започнуваме постапка преку која општината ќе го исплати преостанатиот дел од сумата што е евидентирана како неисплатен долг и од која, врз основа на извршни решенија, секојдневно се генерираат нови обврски за подмирување со астронoмски камати. Со оваа постапка ќе овозможиме одблокирање на сметката на општината, која е блокирана околу 16 години. За сите чекори кои ќе следат во понатамошниот процес, јавноста, како и до сега, ќе биде целосно и навремено информирана, рече Георгиески. Тој потсети дека оваа гарнитура во Локалната самоуправа со посветена и напорна работа за само две години успеала за една милијарда денари да го намали долгот на општината таложен со децении. Оттаму неговата, како што рече, изненаденост што советниците на опозициската ВМРО- ДПМНЕ повторно не покажале политичка волја, капацитет и желба да бидат дел oд овој историски момент што треба да придонесе за подобро финансиско менаџирање на општината, да овозможи поголем развој на градот и подобри услови за нашите сограѓани. Георгиески изрази жалење што опозициската партија не успеала да излезе од старата матрица за креирање на штетни политики, како и оти продолжува да тоне во сопствените лаги, останувајќи партија која единствено знае да работи против интересите на граѓаните. - Голема штета е што не сме на исто ниво во мислењата и визиите за идниот развој на Охрид и тоа што не можеме да имаме демократска и достоинствена дебата. Со денешната одлука да не гласаат, тие покажаа дека немаат елементарни познавања за состојбите, немаат капацитет да ги разберат важните предизвици и немаат храброст да изнаоѓаат трајни решенија, рече тој. Одлуката што денеска ја усвои Советот предвидува раздолжување на Општината преку банкарски кредит со отплата на десет години, со максимална годишна камата од пет проценти и две години грејс-период. Според спроведената анализа, отплатата на долгот по пат на доглорочен банкарски заем со грејс-период од две години овозможува заштеда на речиси 66 милиони денари, што се значајни средства преку кои би се финансирале најразлични стратешки проекти и иницијативи. Преку елиминирање на сите доспеани обврски уште во текот на тековната година би била стопирана судската одлука за блокирање на општината. Брзото сервисирање на доспеаниот долг и одблокирањето на сметките на општината би овозможило непречено стратешко планирање на долг рок и непречено извршување на буџетот, отвора можност за планирање значителни капитални проекти и нивно непречено финансирање, како и непречено остварување на стратешките цели на Општина Охрид на среден до долг рок и подобрување на економскиот просперитет и квалитетот на животот на локалното население. аб/мд/

Остани поврзан