• петок, 22 ноември 2024

Собранието усвои десет предлог-закони со кои се доуредуваат надлежностите на Министерството за енергетика

Собранието усвои десет предлог-закони со кои се доуредуваат надлежностите на Министерството за енергетика

Скопје, 11 јули 2024 (МИА) - Побрза, порационална и пооптимизирана работа на новото Министерство за енергетика имаат за цел десетте закони кои попладнево ги донесе Собранието.

Пратениците, во рамки на 10. собраниска седница во скратена постапка без расправа ги усвоија Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за енергетика, Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за Геолошкиот завод на Република Македонија, Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за енергетска ефикасност, Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за концесии и јавно приватно партнерство и Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за метрологијата.

Собранието ги донесе и Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за минерални суровини, Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за контрола на предметите од скапоцени метали, Предлог-законот за престанување на важењето на Законот за основање на Агенција за енергетика на Република Северна Македонија, Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за задолжителни нафтени резерви и Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за техничката инспекција, кои, исто така, треба да се донесат по скратена постапка.

На собраниската седница немаше расправа по законите, освен неколку процедурални забелешки. Една од нив упати заменик-координаторката на пратеничката група на СДСМ Славјанка Петровска, која забележа дека попладневното продолжение на седницата не било закажано навреме, но и дека законите се носат во скратена постапка. 

-Не знам дали тестирате кој може побрзо да стигне, но, прашањето навистина веќе е сериозно. Тоа што имате мнозинство во Собранието не значи дека треба да го злоупотребувате. Ако во минатото  критикувавте за отсуство на дебата, сега треба да овозможите да ја има, а не на ваков начин да носите закони, рече Петровска. 

Според неа, не станува збор за реформи, туку за концентрација на моќ која, како што рече, „треба да резлизира да се исперат 500-те милиони евра нови задолжувања договорени во Вашингтон“. 

На ова реплицираше Никола Мицевски, координатор на ВМРО-ДПМНЕ кој рече дека забелешката за брзото закажување на продолжението на седницата може и да се прифати, но останатиот дел не.

-Пред неполн час чувте за 500-те милиони евра и знаете кој како ќе ги распредели. Заборавете ја таа логика и тактика, заврши времето кога парите се носеа и ја задолжувавте државата за да ги украдете парите. Овојпат парите ќе завршат кај граѓаните во општините и во економијата, рече Мицевски.

На делот на забелешката за задоцнето известување за закажување на продолжението на седницата реагираше и заменик претседателот на Собранието Антонијо Милошоски кој истакна оти уште околу 12.30 часот разговарал со координаторот на пратеничката група на СДСМ Оливер Спасовски и го известил за продолжението на седницата. За тоа биле информирани и останатите координатори на пратенички групи. 

Сите десет закони што беа усвоени денеска на сеница беа поднесени од пратеници на ВМРО-ДПМНЕ. За ниту еден од нив не беа поднесени амандмани, ниту се јави за збор некој од присутните членови на Комисијата за економски прашања, труд и енергетска политика, каде претходно законите добија поддршка.

Како што објасни претседателот на Комисијата, Бојан Стојаноски, целта на предлог-законските решенија е дооформување на надлежностите на Министерството за енергетика.

-Во текстот на законите кои досега ја имаат регулирано надлежноста на Министерството за економија, се менува името од Министерство за економија во Министерство за енергетика. Но, втората работа, која е особено важна, е дека на Агенцијата за енергетика и престанува важноста како институција и таа оди во надлежност на Министерството за енергетика. Се укинуваат Управниот одбор и директорот, со што се исполнува уште едно предизборно ветување за намалување на бројот на институциите. Во Агенцијата за задолжителни нафтени резерви се укинува Управниот одбор, а директорот има обврска да дава шестмесечни и годишни извештаи пред Министерството. Сметаме дека вака ќе биде побрза, порационална и пооптимизирана работата на Министерството за енергетика, истакна Стојаноски, според кој, ова образложение се однесува на сите десет предлог-закони.

На денешната 10. седница остана Предлог одлуката за испраќање на припадници на Армијата на Република Северна Македонија за учество во меѓународната операција на Организацијата на обединетите нации „УНИФИЛ“, во Република Либан за чија расправа немаше деловнички услови. Продолжението на седницата, како што најави Милошоски, ќе биде дополнително закажано. сст/мч/

 

 

Остани поврзан