Слот пред гостувањето кај Астон Вила: Отсуството на Џо Гомез е голема загуба за нас
- Ливерпул беше најубедлив во лигашкиот дел од Лигата на шампионите на УЕФА и додека 16 екипи ќе се борат денеска и утре во плеј-офот од осминафиналето, „црвените“ утре ќе се испотат во тешкото гостување против Астон Вила во дуелот од 29. коло од Премиер лигата.

Бирмингем, 18 февруари 2025 (МИА) - Ливерпул беше најубедлив во лигашкиот дел од Лигата на шампионите на УЕФА и додека 16 екипи ќе се борат денеска и утре во плеј-офот од осминафиналето, „црвените“ утре ќе се испотат во тешкото гостување против Астон Вила во дуелот од 29. коло од Премиер лигата.
„Црвените“ имаат седум бода предност пред Арсенал, а во оваа фаза од шампионатот, кога се играат натпревари на секои три дена, секој бод е важен, а менаџерот Арне Слот се уште има проблеми со повредени играчи.
-Џо Гомез и Коди Гакпо нема да можат да играат на „Вила Парк“. Коди е некаде во последната фаза на закрепнување, додека на Џо ќе му треба многу време. И тоа неколку недели бидејќи се работи за повреда на мускулот. Отсуството на Гомез е голема загуба за нас, тој се обиде што побрзо да се врати, а потоа во камбек мечот се повреди по три минути и ќе биде надвор од терените најмалку четири недели, изјави Слот.
Холандскиот стручњак секоја недела се соочува со истото прашање поврзано со титулата.
-Имаме уште 13 натпревари до крајот на Премиер лигата и секој е важен. Овој на Вила Парк е тежок, како и оној против Волвс на „Енфилд“, одговори тој.
Вила е непоразена на домашен терен во последните 12 натпревари, а Ливерпул е непоразен на последните 15 гостувања. Сепак, тимот на Унаи Емери нема победа од 15 јануари во Премиер лигата, оттогаш забележа пораз и три нерешени резултати.
-Вила има одличен менаџер кој веќе има одличен план за игра. Го гледав натпреварот од минатата сезона кога беше 3:3, против нас ќе имаме одличен тим, со одлични засилувања, тим кој е во осминафиналето на Лигата на шампионите. Знаеме што не чека, не сме нервозни бидејќи ништо нема да се реши утре. Ние сме во фаза од сезоната кога обемот на работа е максимален и каде што се борите позитивно да го решите секој проблем за да ја достигнете вашата цел. Имаме навистина тешка серија на натпревари, ќе видиме како ќе ги поминеме, рече Слот.
Лидерот во Премиер лигата овој викенд гостува во Манчестер Сити, потоа го пречекува Њукасл, патува во Саутемптон и го игра финалето на англискиот Лига куп против Њукасл на 16 март. Доколку успее, Ливерпул ќе влезе од завршните „100 метри“ со ветувачка предност за да ја мине целта прв во Премиер лигата. дс
Фото: Архива