• петок, 08 ноември 2024

Сиљановска Давкова се обрати на конгресот на Меѓународната федерација за физичко образование и спорт ФИЕПС

Сиљановска Давкова се обрати на конгресот на Меѓународната федерација за физичко образование и спорт ФИЕПС

Скопје, 31 мај 2024 (МИА) - Претседателката Гордана Сиљановска Давкова, денеска во Охрид, се обратила на отворањето на 18. европски конгрес на Меѓународната федерација за физичко образование и спорт ФИЕПС, во рамки на кој ќе се одржи и 6. научна конференција „Истражување во физичкото образование, спорт и здравје“.

Конгресот, што се одржува до 2 јуни во Охрид, соопштија од кабинетот на Сиљановска Давкова, е во организација на Факултетот за физичко образование, спорт и здравје, во соработка со Педагошкиот факултет „Св. Климент Охридски“ и Федерацијата на спортски педагози на Македонија.

Осврнувајќи се на почетоците од пред 70 години кога почна да се одржува Охридскиот пливачки маратон, таа потенцирала дека нема посимболично место од Охрид за одржување на европскиот конгрес на Меѓународната федерација за физичко образование и спорт – ФИЕПС.

- Физичката активност е една од најважните работи за одржување и унапредување на физичкото и на менталното здравје на луѓето. Спортувањето убедена сум дека превенира многу непреносливи болести, ги унапредува когнитивните способности, го подобрува сонот и ги намалува опасностите од анксиозност и депресија. Но, и покрај овие очигледни придобивки, според проценката на ОЕДЦ и на Светската здравствена организација, дури третина од возрасното европско население не е доволно физички активно. Тоа може да резултира и резултира со над 11 милиони нови случаи на непреносливи болести до 2050 година и огромен буџетски товар врз здравствениот и социјалниот систем на секоја држава, истакнала Сиљановска Давкова.

Според неа, причини за ваквата загрижувачка состојба има повеќе.

- Физичката активност која во минатото била составен дел од секојдневието, денес е  на маргините на животот. Заради современиот начин на работа и на живот, сè повеќе луѓе, вклучително и младите, се фатени во мрежата на телевизиските и компјутерските екрани, социјалните медиуми и брзата храна. Како да излеземе од оваа надолна спирала? Одговорот лежи, како што веќе чувме,  во холистичкиот пристап кон физичката активност и кон спортот. Во практика, тоа значи да им се помогне на луѓето да развијат здрави навики и да водат физички активни животи, додала претседателката.

Спортот, нагласила Сиљановска Давкова, може да биде училиште на животот преку кое децата и младите луѓе ќе учат за олимписките вредности, за другарството, самодовербата, фер играта и прифаќањето на различноста. Постарите, пак, како мене, подвлекла, ќе можат да водат здрав и исполнет живот, одржувајќи ја својата физичка кондиција независно од возраста. 

- Верувам дека вие, учесниците на европскиот конгрес, со вашата експертиза и со искуството можете да придонесете за развивање на добри политики за физичкото образование. А, токму со такви холистички политики ќе градиме поздрави, поактивни и поинклузивни општества чии членови ќе се натпреваруваат во успесите, рекла Сиљановска Давкова. цр/ев/

Фото: Кабинет на Гордана Сиљановска Давкова

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан