• сабота, 16 ноември 2024

Сиљановска Давкова: На половина пат сме до успешна трансформација на високото образование, потребен е дијалог меѓу науката, политиката и општеството

Сиљановска Давкова: На половина пат сме до успешна трансформација на високото образование, потребен е дијалог меѓу науката, политиката и општеството

Скопје, 18 јуни 2024 (МИА) - За да го спречиме одливот на мозоци, како еден од најголемите ризици за идниот развој на науката, потребни ни се севкупни и темелни реформи во државата, и пред сè, во високото образование. Повикувам на храбар политички исчекор во соочувањето со дведецениската криза во високото образование и истражувањето. Неопходната интеграција на науката и нејзините резултати во општествениот развој, е можна само преку градење партиципативна политичка и општествена култура за континуиран научно, економски, политички и општествен дијалог, порача вечерва претседателката Гордана Сиљановска Давкова. 

На Свечената академија по повод 65 години од формирањето на ФЕИТ, таа потенцира дека мора да се зголеми издвојувањето за науката барем на, како што рече, скромни 1 отсто.

- Мора да се поддржи и стимулира научно-истражувачката работа, да се модернизира научната инфраструктура, односно лабораториската опрема, да се олесни пристапот до базата на податоци. Треба да формираме национален фонд за научно истражување со сигурно финансирање и независно управување.  Неопходна е меритократска , објективна и транспарентна постапка за селекција односно избор на научни проекти проекти, како и грижа за најдобрите студенти, магистранти и докторанти. Мора да бидеме во постојан контакт со научниците од дијаспората.  Затоа во рамките на Советот за соработка со дијаспората, јас ќе се обидам да ја вклучам и оваа диимензија, нагласи Сиљановска Давкова. 

Според неа, треба да се заострат критериумите за академската кариера, односно напредување, треба да се зајакне регионалната и меѓународна соработка, интеграцијата во европската истражувачка зона, афирмацијата на македонската наука во светот. 

- Мора да се дебирократизира управувањето со финансиите од меѓународни извори и тие да не се третираат како дел од државниот буџет. 
Треба да се вложува во универзитетската администрација, односно во нејзината континуирана обука и компетенции.  Мора да дебитираме на Шангајската листа на 500 најдобри универзитети, рече претседателката. 

Според неа, образованието и науката не се само задача и обврска на професорите, истражувачите и студентите.  

- Сè уште сме на половина пат до успешна трансформација на високото образование, а за неа е потребен дијалог меѓу науката, политиката и општеството. Нужна е општествено  одговорна уписна политика и координирана развојна образовна политика. Ние мораме да го охрабриме и поддржиме научниот подмладок и научно-истражувачката работа преку реформирање на финансирањето на високо-образовните институции, согласно европските стандарди, рече Сиљановска Давкова.

Не смееме да заборавиме, како што рече, дека наша примарна цел се конкурентното образование и наука.

- Тоа подразбира инвестирање во истражувањето и во развојот на современите технологии. Треба да им помогнеме на младите инженери и програмери да се вклучат во македонските иновациски системи, кои што привлекуваат инвестиции и ги задржуваат дома. Мора да ги следиме глобалните трендови што го диктираат развојот на националните економии и придонесуваат за благосостојбата и напредокот на целото општество. Целта на образованието е да се образуваат кадри што ќе бидат конкурентни на пазарот на трудот и со својот индивидуален успех, ќе придонесуваат за колективниот македонски успех. Ако не вложуваме во нивната сегашност, не можеме да вложуваме ни во нивната иднина, ниту во економската иднина на нашата земја, рече Сиљановска Давкова. мд/аа/

Фото: МИА архива 

 

Остани поврзан