• недела, 22 декември 2024

Сиљановска Давкова на состаноци на Советот за безбедност на ОН и на Глобалната коалиција за справување со заканите од синтетички дроги

Сиљановска Давкова на состаноци на Советот за безбедност на ОН и на Глобалната коалиција за справување со заканите од синтетички дроги

Скопје, 25 септември 2024 (МИА) - Претседателката Гордана Сиљановска Давкова во рамки на учеството на 79. Генерално Собрание на Обединетите Нации, присуствувала на состанокот на Глобалната коалиција за справување со заканите од синтетички дроги и на дебатата на Советот за безбедност, кадешто остварила куси средби со повеќе лидери и претставници на меѓународни организации. 

- На покана на претседателот на Соединетите Американски Држави, Џо Бајден, претседателката Сиљановска Давкова присуствуваше на состанокот на Глобалната коалиција за справување со заканите од синтетички дроги, што ја предводи САД, со цел обединување на меѓународните напори и преземање на координирани акции во справување со заканите од синтетички дроги, коишто се во пораст на глобално ниво. На состанокот се обратија американскиот претседател Бајден и државниот секретар на САД, Ентони Блинкен, соопштија од претседателскиот кабинет.

Претседателката Сиљановска Давкова присуствувала и на состанокот на Советот за безбедност на Обединетите Нации, со кој претседавал словенечкиот премиер Роберт Голоб, на тема „Одржување на мирот и безбедноста на Украина“, на којшто се дискутирало и биле разменети информации за безбедносната состојба во Украина.

Во рамки на учеството на Генералното Собрание на Обединетите Нации претседателката Сиљановска Давкова остварила средба со извршната директорка на Агенцијата на Обединетите Нации за родова еднаквост и зајакнување на жените (UN Woman), Сима Бахус.

-Двете соговорнички споделија искуства за активностите што ги преземаат жените - лидери за промовирање и одржување на мирот и одржливиот развој и разменија мислења за чекорите што треба да ги преземат светските лидери со цел обезбедување на континуиран напредок во родовата еднаквост, јакнење на улогата на жените и нивна поголема вклученост во процесите на одлучување и креирање политики, се наведува во соопштението.

Претседателката Сиљановска Давкова ја истакнала подготвеноста на македонските институции за натамошно продолжување на успешната соработка со Агенцијата на Обединетите Нации за родова еднаквост и зајакнување на жените, како и нејзината силна посветеност за унапредување на севкупната улога на жените. дма/са/

Фото: Кабинет на претседателката Гордана Сиљановска Давкова

 

Остани поврзан