• вторник, 24 декември 2024

Сиљановска Давкова: Да се препознае и признае улогата на жената во процесите на одлучување и обликувањето на општеството

Сиљановска Давкова: Да се препознае и признае улогата на жената во процесите на одлучување и обликувањето на општеството

Скопје, 2 октомври 2024 (МИА) - Не смееме да се задоволиме со досега постигнатото на полето на родовата еднаквост, иако напредокот е евидентен. Должни сме да продолжиме со заложбите за рамноправност и еднаквост на правата не само де јуре, туку и де факто, зашто женските права се човекови права и степенот на демократијата се оценува и низ нивната реaлизација. Особено е важно да се елиминираат бариерите за економска партиципација и лидерство на жените. Секогаш постои простор за подобрување. Суштински предизвик е да се препознае и признае улогата на жената во процесите на одлучување и обликувањето на општеството, да се зголеми женското влијание врз и во различни сфери, вклучувајќи ги бизнисот, политиката, администрацијата, академската заедница и граѓанското општество, порача денеска претседателката Гордана Сиљановска Давкова пред учесничките на Женскиот економски форум - Балкан 2024.

Сиљановска Давкова се осврна на актуелните светски случувања, потенцирајќи дека жените треба да ја преземат реформаторска улога.

-Живееме во време на сеопшта криза и несигурност - безбедносна, еколошка, здравствена, економска, политичка, етичка, морална. Сведоци сме на големи воени жаришта со потенцијал да прераснат во нуклеарна закана, па и трета светска војна со уништувачка моќ. Најмоќните катаден предупредуваат на катастрофалните закани по светскиот мир и безбедност, но зборовите одлетуваат, а куршумите летаат на сите страни и ги погодуваат невините. Библиски сцени се нижат пред нашите очи. Да потсетам, кога фокусот е на кризниот менаџмент, се помалку време се посветува на растот, развојот и напредокот. Основните човекови права се темелно загрозени. Поделениот и завојуван свет има егзистенцијална потреба од одговорно лидерство, визионерство и темелна посветеност на одбраната на човековите права. Сведоци сме на криза на лидерство, енормна моќ, безидејност и милитаризација. Жените треба да ја преземат реформаторска улога. Тие ја имаат способноста да се издигнат над личните интереси и профитот и да ја видат големата човечка слика. Верувам дека токму жените лидерки во економијата, со својата енергија, посветеност, решителност, вештини и знаење може да ги пренасочат економските текови, ставајќи мировен, женски печат и промовирајќи и стимулирајќи оддржливи и фер економски политики и модели, подвлече претседателката.

Според неа, поттикнувањето на иновациите и овозможувањето одржлив развој е еден од најважните приоритети поврзани со женското лидерство. Жените лидерки во економијата поседуваат докажана општествена одговорност, грижа за заедницата и екологијата, остварување на милениумските цели без експлоатација и нарушување на работничките права.

-Не помалку битна е и зелената транзиција. Глобалните платформи како Г 100 се добредојдени за стимулирање на локалните и националните промени во делот на женското лидерство во политиката, економијата и конкретно, во поддршката на женското претприемништво, менторство и едукација. Моќта на глобалните мрежи во споделувањето знаења, ресурси и системи за поддршка на жените е клучна во градењето на следната генерација жени лидерки кои ќе придонесат за конечно премостување на традиционалните граници во секторите во кои доминираат мажи, истакна Сиљановска Давкова. 

Во врска со Форумот, оцени дека размената на идеи, ставови, искуства и иницијативи за соработка и заеднички проекти ќе ја зајакне позицијата на жените не само во економијата, туку и пошироко.

-Без разлика дали доаѓате од бизнис заедницата, од академскиот свет, од администрацијата или од невладините организации вие сте пример за стручност, посветеност, креативност и визионерство што ги надминуваат границите на вашето професионално делување. Не се сомневам дека денес и утре ќе учествувате на интересни панели за горливи актуелни теми или ќе сведочите за вдахновени обраќања и полемични и продуктивни дискусии. Верувам дека покрај економските дебати врзани за програмата, форумот отвара широкта порта за вмрежување и меѓусебно поврзување. Очекувам релевантното меѓународно присуство и активност да ги охрабри и стимулира македонските лидерки да станат уште поактивни социјални актерки во низа области, рече Сиљановска Давкова.  

Eкономскиот форум на жени лидерки - Балкан 2024 ќе се одржува денеска и утре во Скопје. Најавено е учество на  270 лидери, претприемачи, активисти, истражувачи и академици, а целта е да ја унапреди позицијата на жените во современото општество, особено во делот на економското јакнење, намалување на родовите нееднаквости и поттикнување женско лидерство. 

Преку панелни дискусии и дебати, докажани лидерки и лидери од Португалија, Индија, Египет, Турција, Србија, Црна Гора, Косово, Хрватска, Словенија и Северна Македонија ќе разменат идеи и ќе споделат најдобри практики за справување со заедничките предизвици.

Форумот има ротирачка база и седиштето се менува на секои две години во различна земја од Западен Балкан. Го организира Здружението на жени менаџери ЕЛИТ, Скопје и Г100 Крилото за комуникација, застапување и медијација за Македонија, под глобалната франшиза на Women Economic Forum (WEF) и мисијата Г100 Милион. мч/aa/

фото: МИА

 

 

 

 

Остани поврзан