Сиљановска-Давкова присуствуваше на свечено одбележување на празникот Богојавление – Водици во Охрид и во Струга
- Претседателката Сиљановска-Давкова присуствуваше на свечената манифестација по повод христијанскиот празник Богојавление – Водици во Охрид, каде поглаварот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија г. г. Стефан ги освети водите на Охридското Езеро положувајќи го светиот крст во нив.

Скопје, 19 јануари 2025 (МИА) - Претседателката Сиљановска-Давкова присуствуваше на свечената манифестација по повод христијанскиот празник Богојавление – Водици во Охрид, каде поглаварот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија г. г. Стефан ги освети водите на Охридското Езеро положувајќи го светиот крст во нив.
Поттикнати од длабоката вера во божествениот благослов на осветените води, од вековната традиција која го симболизира крштевањето на Исус Христос и од желбата за духовна обнова, стотици верници учествуваа во светиот чин, славејќи ги заедништвото и љубовта како темел на нашето духовно богатство.
Претседателката, како што соопшти нејзиниот Кабинет, на најсреќниот меѓу верниците, Мартин Гоџо, кој успеа да го фати светиот крст, му подари уметнички изработена резба. Таа му посака добро здравје, лична среќа и духовна исполнетост, истакнувајќи дека неговото постигнување го облагородува духот на храброст, надеж и посветеност, кои го красат овој возвишен празник.
Продолжувајќи со чествување на празникот Богојавление – Водици, претседателката во Струга присуствуваше на црковната церемонија на осветување на водите и положувањето на светиот крст во реката Црн Дрим - свет чин, што го изврши неговото Блаженство г. г. Стефан. На Томче Голабоски, најсреќниот меѓу верниците кои влегоа во осветените води на реката, таа му подари рачно изработена резба, посакувајќи му живот исполнет со здравје, радост и благосостојба и истакнувајќи дека овој празник ја слави обновата на духот, заедништвото и вечната сила на вербата. дма/сст/
Фото: Кабинет на претседателката Сиљановска-Давкова