• четврток, 26 декември 2024

СИРИЗА избра нов лидер

СИРИЗА избра нов лидер

Атина, 25 ноември 2024 (МИА) – Пратеникот и поранешниот претседател на пратеничката група на СИРИЗА Сократис Фамелос е избран за нов лидер на грчката опозициска партија по вчерашните избори на кои гласаа нешто повеќе од 70.000 членови и симпатизери, јави дописничката на МИА од Атина.

Фамелос освои 49,4 отсто од гласовите, поранешниот министер Павлос Полакис беше втор со 43,5 проценти и веднаш по соопштувањето на резултатите доцна синоќа изјави дека не е потребно одржување втор круг.

Останатите двајца кандидати, европратеникот Николаос Фарандурис и актерот Апостолос Глецос освоија 5,1, односно 1,99 проценти од гласовите.

Поради зголемениот интерес, гласањето вчера беше продолжено за еден час.

По соопштувањето на резултатите, Фамелос (58) рече дека „СИРИЗА ќе биде посилна и поголема и во и вон Парламентот и во Грција и во Европа“.

Изборите во СИРИЗА се одржаа откако поранешниот претседател Стефанос Каселакис по само една година на функцијата беше разрешен во септември со одлука на Централниот комитет на партијата и не му беше дозволено одново да се бори за лидерската позиција, по што во саботата ја претстави неговата нова партија Движење на демократија.

На парламентарните избори пред нешто помалку од 18 месеци СИРИЗА освои 17,83 отсто од гласовите, додека пак на евроизборите во јуни годинава 14,92 проценти, а и во двата изборни процеси беше на второто место.

Согласно резултатите од истражувањата на јавното мислење во Грција објавени во изминатиот период, СИРИЗА е со намален рејтинг. ср/

Остани поврзан