Се проширува водоводната и канализациската мрежа во Стара Каменица, во Македонска Каменица
- Во Македонска Каменица во тек се активности за проширување на водоводната и канализационата мрежа во населбата Стара Каменица. Увид во градежните работи денеска изврши градоначалникот Димчо Атанасовски кој истакна дека активностите се во насока на подобрување на комуналните услуги на граѓаните.

Македонска Каменица, 26 јули 2023 (МИА) - Во Македонска Каменица во тек се активности за проширување на водоводната и канализационата мрежа во населбата Стара Каменица. Увид во градежните работи денеска изврши градоначалникот Димчо Атанасовски кој истакна дека активностите се во насока на подобрување на комуналните услуги на граѓаните.
-Деновиве започнавме со поставување на нова водоводна и канализациона линија во Стипцарско маало - Стара Каменица. Градежните работи се во должина од 400 метри, а со истите ќе бидат опфатени 13 домаќинства, рече Атанасовски.
Со овој зафат како што додаде општината завршува поголем дел од инфраструктурните активности во овој дел од градот.
-Воедно информирам дека во изминатиот период извршивме редовно прочистување на одводните канали и отстранување на земјените наноси долж улица Македонска. Санирани се повеќе дефекти на секундарната канализациона мрежа и поставување на нова канализациона шахта на улица Индустриска. Отстранети се исто така дефекти на водоводната линија во Цебовци и Чуковци, село Дулица, а извршено е и прочистување и тампонирање на крак од улица 14 Јули, додаде Атанасовски.
Најави дека Општината ќе продолжи со редовно сервисирање на потребите на граѓаните и со подобрување на условите за живеење во урбаниот дел од градот и во руралните средини. вс/
Фото: МИА