• петок, 08 ноември 2024

Се конституираше регионалното претпријатие „Русино-Полог“

Се конституираше регионалното претпријатие „Русино-Полог“

Тетово, 31 декември 2020 (МИА)Прва конститутивна седница денеска одржа управниот одбор на регионалното јавно претпријатие „Русино-Полог“. На дневен ред беа усвојувањето на статутот и назначувањето на в.д директор.

Според претставниците на Центарот за развој на Полошкиот плански регион, кои го координираат  проектот „Управување со цврст отпад во Полошкиот плански регион Фаза 1“, ова е начин за деблокирање на процесот за депонирање на сметот во депонијата Русино.

-Центарот во наредните две недели ќе започне со изградба на системот за отстранување на отпадните води од самата депонија, со изградба на рампа преку која претријатието ќе го оневозможи пристапот на претпријатијата што не ги исполнуваат обврските кон регионалното претпријатие и еден пристапен пат што води од патот Долна Бањица-Русино до депонијата, изјави Фатмир Саити, директор на Центарот за развој на Полошкиот плански регион.

В.д директорот, Бесим Догани, кој е назначен во 2018 година со одлука на Советот на градоначалници на Полошки плански регион, останува на функцијата како ополномоштен да ги води технички-оперативните и административнте работи на претпријатието. За шест месеци ќе има јавен оглас за избор на директор согласно Законот за јавни претријатија.

-Паралелно на ова работиме и за изнаоѓање на нова локација за таа намена. Тоа е процес. Не може да се затвори или отвори депонија преку ноќ. Треба да се направат студии на тлото, на почвата на подземните води. Постојат индикативни локации кои може да се искористат, меѓутоа треба детално да се испита почвата за да каже дали може да се користи. Тоа е надлежност на Министерството за животна средина, изјави Саити.

За неколку недели, како што најави, ќе има уште една седница за усвојување на систематизацијата во јавното претријатие, а името „Русино-Полог“ наскоро ќе се смени.

-Станува збор за претпријатие на целиот регион кое не е врзано само со депонијата Русино која евентуално ќе биде преместена на некоја нова локација во следните пет години во текот на нејзиното експлоатирање, потенцира Саити.

До конститутивната седница доаѓа откако сите девет полошки општини донесоа одлуки во рамки на советите за основање на вакво претријатие и назначување на членови во управниот одбор. ас/бак/

Остани поврзан