• вторник, 24 декември 2024

Сеул: Северна Кореја и испорачала дополнително оружје на Русија

Сеул: Северна Кореја и испорачала дополнително оружје на Русија

Сеул, 20 ноември 2024 (МИА) – Северна Кореја неодамна и испорачала дополнителни артилериски системи на Русија за употреба во Украина, а неколку илјади севернокорејски војници распоредени во Русија почнаа да учествуваат во борбите, соопшти денеска јужнокорејската разузнавачка агенција (НИС).

На брифинг во парламентот, Националната разузнавачка служба соопшти дека Северна Кореја во Русија извезла самоодни топови со калибар од 170 милиметри и повеќе ракетни системи со калибар од 240 милиметри, рече пратеникот Ли Сеонг Квеун.

Ли изјави за новинарите дека агенцијата оценила дека оружјето е тип на артилерија што не се користи од руската војска, па Северна Кореја најверојатно испратила персонал за да ги обучи руските сили како да го користат и одржуваат.

НИС соопшти дека околу 11.000 севернокорејски војници, по обука во североисточна Русија, биле префрлени во руската област Курск кон крајот на октомври, која украинските сили ја нападнаа во август, рече Ли. Тој изјави дека НИС објави дека севернокорејски војници се распоредени во единиците на руските поморски и воздушни сили и оти некои од нив веќе почнале да се борат заедно со Русите на фронтот.

Минатата недела руските канали на Телеграм објавија фотографии на кои наводно се прикажани севернокорејски самоодни хаубици Коксан со калибар од 170 мм на железница во Русија.

„Фајненшл тајмс“, повикувајќи се на проценки на украинските разузнавачки служби, во неделата објави дека Северна Кореја во последните недели испратила во Русија околу 50 домашни самоодни хаубици со калибар од 170 мм и 20 повеќекратни ракетни системи со калибар од 240 мм.

Артилериските системи се најновото конвенционално оружје за кое се верува дека Северна Кореја и го доставила на Русија, а минатиот месец НИС соопшти дека Северна Кореја испратила повеќе од 13.000 контејнери со артилерија, проектили и друго конвенционално оружје во Русија од август 2023 година. јт/

Фото: ЕПА архива

Остани поврзан