• вторник, 24 декември 2024

Семинар за заживување на наставата по француски јазик

Семинар за заживување на наставата по француски јазик
Скопје, 13 мај 2022 (МИА) – Во шесте земји на Западен Балкан, вклучително и нашата, денеска истовремено се одржува регионален семинар чија цел е заживување на наставата по француски јазик и поддршка на изучувањето на јазикот што го говорат над 300 милиони луѓе во светот и кој е официјален и работен јазик на Европската Унија. Семинарот го организира француското Министерство за Европа и надворешни работи и предвидува активности за поддршка и модернизација на францускиот јазик во наставата преку сензибилизација, културни активности, техничка опрема, обуки во Франција, мобилност и вмрежување, како и промоција на францускиот како јазик корисен за професионална кариера. На семинарот во Скопје, организиран од Амбасадата на Франција и Францускиот институт во Скопје, учествуваа наставници по француски јазик од училиштата од државава. Нив ги поздрави амбасадорот Сирил Бомгартнер, според кого за поголемо изучување се потребни нови методологии и алатки во сите нивоа на образованието – од предучилишно до високо образование. Рече се надева дека со заеднички заложби со МОН изучувањето ќе биде поприсутно. Бомгартнер констатираше дека во последните години е послаб интересот и атрактивноста за францускиот јазик, но дека сликата што постои овде, како што рече, воопшто не соодветствува со сликата на современа Франција, нејзиното место во ЕУ и во  светот. -Од почетокот на веков, најверојатно поради недоволната и политичка и економска присутност, некако се намали интересот за изучување на францускиот јазик. Меѓутоа, од пред една-две години нештата се променети. Севкупните политички односи се подигнати на повисоко ниво, исто така подобри се и економските односи, така што сметам дека тоа е стимулација и верувам дека нештата ќе се подобрат. Ќе направиме сѐ да се поттикне интересот и кај учениците и кај родителите за изучувањето на францускиот јазик односно да ги убедиме дека е корисно неговото познавање, изјави амбасадорот  Бомгартнер. Министерот за образование и наука Јетон Шаќири истакна дека Северна Македонија и Франција имаат потпишано договор со кој се прецизира соработката и поддршката за основање франкофонски двојазични паралелки во средните училишта кај нас, односно паралелки во кои 25 проценти од содржините по најмалку два предмета се изучуваат на француски, додека самиот наставен предмет Француски јазик се изучува најмалку пет часа во неделата. -Вакви училишта имаме неколку, а очекуваме во иднина бројот да се зголемува. Францускиот јазик треба да се афирмира уште повеќе и затоа е добро што се организираат вакви настани, рече Шаќири. Посочи и дека во Скопје повеќе од 20 години функционира Француското интернационално училиште кое работи со ученици од најмалку шест години, кое е акредитирано од француските министерства за образование и за Европа и надворешни работи, а работи според француските закони и практики. За искуствата во наставата по француски јазик во училиштата во нивните општини зборуваа градоначалниците на Неготино и Карпош, Горан Стојанов и Стевчо Јакимовски. Стојанов истакна дека е горд што токму во Неготино во 1997 година е формирана првата билингвална, француско-македонска паралелка во гимназијата „Св. Кирил и Методиј“ и дека многу од учениците што матурирале во изминатите 25 години своето високо образование го продолжиле во Франција или во друга франкофонска земја. Од десет основни училишта во општина Карпош, во четири францускиот се изучува како втор странски јазик. Градоначалникот Јакимовски предложи да се возобнови и  нивната поранешна иницијатива, која во 2010 завршила неуспешно – во општината да се отвори градинка во која образованието ќе биде само на француски јазик, како заеднички проект со Амбасадата на Франција. хс/дма/  

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан