• сабота, 23 ноември 2024

Седницата на Судскиот совет одложена за 2 мај

Седницата на Судскиот совет одложена за 2 мај

Скопје, 27 април 2023 (МИА) - Седницата на судскиот совет, на која, како што најави вчера заменик-претседателот Селим Адеми ќе се гласа за избор на нов претседател, откако по негов предлог од оваа позиција беше разрешена Весна Дамева, е одложена за 2 мај во 11 часот.

Адеми појасни дека за ова се одлучиле членовите на Советот, бидеќи станува збор за мошне важна за работа, за која се согласиле дека е потребно присуство на сите 13 членови, а за одложувањето гласаа осум, а четири членови беа против.

- Денеска беше закажана 439 седница, но веќе дебатиравме дека кога се прави избор на претседател на Судски совет, добро е и пожелно сите 13 члена да бидат присутни и Советот да биде во полн состав. Но, од оправдани причини еден член на Судскиот совет не е присутен и сите се согласуваме дека кога имаме ваква важна точка треба да сме сите присутни и од тие причини предлагам да се одржи за 2 мај, изјави на седницата заменик-претседателот.

Тој не даде изјава за новинарите, кои побараа појаснување на забелешките на невладините и експертите дека вчерашното разрешување на Дамева е незаконско и против процедурите и Деловникот, а не одговори ниту како вчера за разрешувањето не се барало присуство на сите членови, а денеска за изборот на нов се бара.

Адеми во присуство на Дамева, по неколку часа тензии и караници на седница во Советот вчера го презеде раководењето со седницата и предложи да се гласа за нејзино разрешување со кревање рака. За разрешувањето на Дамева гласаа седум членови - Селим Адеми, Миљазим Мустафа, Ханиф Зендели, Мирсад Суроји, Сашко Георгиевски, Лорета Георгиева и Павлина Црвенковска, по што заменик-претседателот констатира дека актуелната претседателка е разрешена и веќе не може да раководи со седницата и ја закажа денешната за избор на нов претседател.

Разрешувањето на Дамева предизвика реакции во јавноста и кај експертите во правосудството дека всушност станува збор за непочитување на процедурата и Деловникот. бк/ац/

Остани поврзан