• сабота, 23 ноември 2024

Седницата за пратенички прашања прекината по барање на АА/Алтернатива, продолжува во 13 часот

Седницата за пратенички прашања прекината по барање на АА/Алтернатива, продолжува во 13 часот
Скопје, 28 јануари 2021 (МИА) - Собраниската седница за пратенички прашања само што почна, беше прекината по барање на пратеникот Скендер Реџепи од коалицијата Алијанса за Албанците/Алтернатива, кој имаше забелешка на редоследот на пратеници кои треба да поставуваат пратенички прашања. Тој го обвини претседателот на Собранието, Талат Џафери дека „ја блокира албанската опозиција“ и побара еден час пауза. - Претседателот на Собранието цело време е портпарол на ДУИ вршејќи блокада на опозицијата. Претседателот на Собранието треба да биде непристрасен, еднаков за сите пратеници и пратенички групи. Не случајно го информиравме дека денеска пратенички прашања ќе постави претседателот на Алијанса и тој е ставен петти да зборува. Јас, како координатор на пратениката група, сум ставен 13-ти. Нели е ова навредливо - претседател на политичка партија да биде петти, рече Реџепи. Претседателот на Парламентот, Џафери изјави дека не е предвидено за пратенички прашања да се дава пауза, но по инсистирањето на Реџепи, кој заедно со останатите пратеници од Алијансата за Албанцита и Алтернатива излезе на говорница и најави дека ќе ја блокира работата на Парламентот, даде пауза од еден час. Џафери појасни дека списокот е надлежност на претседателот на законодавниот дом и оти тоа е децидно кажано во Деловникот за работа. Тој наведе дека е договорено со координаторите на пратеничките групи да доставуваат список на пратеници кои сакаат да постават пратеничко прашање за да се избегне поединичното поднесување на барање за поставување на прашање од страна на секој пратеник. - Пратеничките групи имаат должност 24 часа пред почетокот на седницата да достават листа на пратеници кои ќе говорат или ќе поставуваат прашања. За да не ги принудуваме пратениците секој поединечно да доставува барање за пратенички прашања, имаме договор тоа да го направи координаторот во име на оние што ќе се пријават  Во предвидениот рок, само ВМРО-ДПМНЕ и Левица поднесоа листи. Деловникот обврзува рамноправно да бидат застапени пратениците кои ќе поставуваат пратенички прашања во однос 2:1 во корист на опозицијата, а во однос на опозицијата како вкупен број, вие сте застапени со 12 пратеници во однос на 44-те пратеници на ВМРО-ДПМНЕ, однос во соодност 3:1, истакна Џафери. Седницата се очекува да продолжи во 13 часот. Пленарни седници за поставување на пратенички прашања се одржуваат секој последен четврток во месецот. бак/сп/

Остани поврзан