Седмо издание на Фестивалот на нов европски филм – „Beach film festival Ohrid 2024“
- Бројни содржини од областа на седмата уметност со филмски проекции, едукативни работилници и музички перформанси предвидува годинешното седмо по ред издание на Фестивалот на нов европски филм што од денеска ќе се одржува во Охрид.
Охрид, 17 јули 2024 (МИА) – Бројни содржини од областа на седмата уметност со филмски проекции, едукативни работилници и музички перформанси предвидува годинешното седмо по ред издание на Фестивалот на нов европски филм што од денеска ќе се одржува во Охрид.
Од вечерва до 21 овој месец на четири локации, на плажите „Славија“ и „Сараиште“, на бродот „Армада“ и во Младинскиот центар во Охрид ќе бидат прикажани седум долгометражни и 14 краткометражни филмови.
Отворањето на фестивалот е резервирано за проекцијата на филмот „Живи и Здрави“ (Forever hold your peace), а во главната програма ќе се прикажат уште шест долгометражни европски филмови – „Rodeo“, „Summer to come“, „Afire“, „Milk“, „Some birds“ и „Pelican“.
Краткометражната програма вклучува и филмови од домашната продукција, оние на авторите на Јакимска, Елеонора Венинова, Јане Спасиќ и Димитар Банов.
За музичката програма ќе се погрижат бендовите „Sioto Jazz“ и „Xarakiri“, диџејките Baila, Dj MarТian и музичкото дуо „SIZ“.
Четиричленото интернационално жири е задолжено да ги одбере најдобрите и да ги додели наградите „Голем бран“ за најдобар долгометражен филм и наградата „Стефан Сидовски – Сидо“ за најдобро актерско остварување. Награда „Мал бран“ ќе биде доделена на најдобриот краткометражен филм.
Ова фестивалско издание предвидува и филмови за најмалите посетители што ќе бидат прикажувани на градската плажа „Сараиште“, секој ден од 17 до 21 јули од 20 часот. аб/дма/
фото: плакат