• среда, 27 ноември 2024

Седлоски е нов шеф на стручниот штаб на Работнички

Седлоски е нов шеф на стручниот штаб на Работнички

Скопје, 14 ноември 2023 (МИА) - Трофејниот македонски фудбалски стручњак и поранешен македонски репрезентативец Гоце Седлоски е нов шеф на стручниот штаб на Работнички. 

Тој потпиша договор на 18 месеци и ќе има задача да го врати клубот на шампионските патеки.

- Чест ми е што доаѓам во ФК Работнички, клуб со голема традиција и реноме во македонскиот фудбал, поранешен шампион и освојувач на купот. Би сакал да се заблагодарам на новото раководство на клубот за укажаната доверба, ја сфаќам како сериозна обврска и ќе се вложам максимално за да ги оствариме целите што заедно ги зацртавме. Веруваме дека овој проект на крајот ќе донесе многу радости и трофеи во ФК Работнички. Мојот начин на работа кој носеше титули ќе се потрудам да го наметнам и овде. Ред, работа, дисциплина и верба во сопствените квалитети се принципите што секогаш и секаде ги носам со себе и верувам дека ќе ги воспоставиме и во тимот на Работнички. Има голем потенцијал во овој тим, а верувам дека со уште неколку засилувања ќе изградиме колектив со кој ќе се гордееме, изјави Седлоски за клупскиот сајт.

Задоволство од ангажманот на Седлоски искажа новиот директор на клубот, Сенад Муминовиќ.

- ФК Работнички е еден од најреномираните македонски фудбалски брендови, име кое е сериозно препознатливо и во Европа, а Гоце Седлоски е фудбалска величина и тренер кој сигурно ќе помогне да се врати шампионскиот дух во клубот од Дебар Маало. Му посакуваме сѐ најдобро, ќе ја има нашата максимална поддршка и се надеваме дека многу брзо ФК Работнички ќе биде на позициите кои ги заслужува, вели Муминовиќ.

Гоце Седлоски со својот стручен штаб утре ќе го одржи и првиот тренинг со тимот. Во недела, Работнички ќе одигра пријателски натпревар со Башкими во Куманово. зс/

Остани поврзан