• среда, 25 декември 2024

Северна Македонија и Србија потпишаа Меморандум за соработка во евроинтеграциите

Северна Македонија и Србија потпишаа Меморандум за соработка во евроинтеграциите

Скопје, 7 април 2023 (МИА) - Вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ и министерката за евроинтеграции на Србија, Тања Мишчевиќ денеска потпишаа Меморандум за соработка во областа на европската интеграција. Двајцата министри ги оценија односите меѓу двете држави како одлични и потенцираа дека ова е уште една потврда дека се дава посебно значење на соработката и натамошниот развој на севкупните билатерални односи во исполнувањето на нашите стратешки цели - евроинтеграцијата. 

На прес-конференцијата по потпишувањето на Меморандумот вицепремиерот Маричиќ истакна и дека двете Влади имаат иста задача и мисија.

- Да ги приближиме нашите граѓани повеќе до вредностите на ЕУ во наредните години, но и придобивките што ќе ги имаат од тој процесот на пристапување да ги направиме уште повидливи. Со Србија не сме само соседи и географски блиски земји. Со Србија имаме заедничко минато, блиски традиционални врски меѓу двата народа и што е најважно имаме заедничка иднина и ист интерес: Да ги развиваме двете држави по европски терк и да обезбедиме подобар живот за нашите граѓани, рече Маричиќ.

Двете земји, како што истакна вицепремиерот, направивме многу и напредокот на двете земји е очигледен.

null

- Денес имаме политички моментум и поддршка од Брисел да дадеме нова динамика на преговорите со ЕУ. Руската агресија врз Украина ја направи јасна потребата од обединување и обезбедување на стабилност на Западен Балкан, што отвори нови можности за регионот да направи чекор напред во евроинтеграциите, а истовремено даде шанса за Украина, Молдавија...., рече Маричиќ.

Според него, европската перспектива на нашите земји како никогаш досега е достижна, а она што се очекува од ЕУ е извесност и јасен план за проширувањето на Унијата, што ќе значи поттик за забрзување со процесите на трансформација на општествата.

- Покажавме дека сме кредибилен партнер на ЕУ и сме подготвени да одговориме на задачите, ред е Унијата да даде временска рамка и да го заврши обединувањето на стариот континент. Мислам дека ова е идеален момент за забрзување на пристапниот процес, имајќи предвид дека годинава се одбележуваат 20 години од Самитот во Солун, кога на земјите од Западен Балкан им беше ветена европска перспектива, земајќи го предвид и новиот геополитички контекст, истакна Маричиќ. 

Со денешното потпишување на Меморандумот за соработка, вицепремиерот кажа дека, двете министерствата придонесуваат кон поуспешна подготовка и олеснување на процесот на пристапување во ЕУ.

null

- Искуствата и размената на знаење, информации, практики меѓу преговарачите, Групата на преговарачи, експертите вклучени во пристапните преговори, како и меѓу ресорните министерства и агенции во спроведувањето на политиките на ЕУ во сите Кластери, ќе ни биде важен придонес во ефикасното водење на процесот, рече Маричиќ.

Осврнувајќи се на иницијативата „Отворен Балкан“, вицепремиерот рече дека практично ни покажа како е да се функционира во ЕУ, како е да зборуваме за инфраструктурни проекти, за трговска размена, мобилност на нашите граѓани, за јакнење на економијата и создавање стабилна и поволна средина за инвестиции.

Српската министерка Мишчевиќ истакна дека одлична е хемијата и духот помеѓу двете институции, нарекувајќи ги двете држави „братски“, кои се занимаваат со стратешки работи.

- Соработуваме многу долго и успешно. Понекогаш ние учиме од Македонија, понекогаш тие учат од нас, рече Мишчевиќ.  

По завршувањето на прес-конференцијата двете делегации ќе одржат работилница во Владата посветена на евроинтеграциите. нд/ев/

Остани поврзан