• сабота, 23 ноември 2024

Северна Кореја: Односите на Јужна Кореја, САД и Јапонија се како азиска верзија на НАТО

Северна Кореја: Односите на Јужна Кореја, САД и Јапонија се како азиска верзија на НАТО

Пјонгјанг, 30 јуни 2024 (МИА) - Северна Кореја ја критикуваше заедничката воена вежба на Јужна Кореја, Јапонија и САД што се одржа овој месец, велејќи дека таквите вежби покажуваат дека односот меѓу трите земји се развил во „азиска верзија на НАТО", објави денеска државната агенција КЦНА.

Во четвртокот трите земји започнаа големи заеднички воени вежби кои вклучуваат морски разурнувачи, борбени авиони и американски носач на авиони Теодор Рузвелт на нуклеарен погон, со цел зајакнување на одбраната од проектили, подморници и воздушни напади.

Вежбата е осмислена на трилатерален самит во Камп Дејвид минатата година за да се зајакне воената соработка среде напнатоста на Корејскиот Полуостров која произлегува од тестирањата на оружје на Северна Кореја.

„Пјонгјанг нема да го игнорира зајакнувањето на воениот блок предводен од САД и нивните сојузници и ќе го заштити регионалниот мир со агресивен и надмоќен одговор“, се наведува во соопштението на севернокорејското министерство за надворешни работи. Министерството исто така рече дека Вашингтон продолжува со своите напори да ги поврзе Јужна Кореја и Јапонија со НАТО, додавајќи дека обидите на Јужна Кореја да испорача оружје на Украина се еден од примерите за тие напори.

Јужна Кореја најави дека ќе ја разгледа можноста за директна испорака на оружје на Украина, во знак на протест против неодамнешниот пакт за меѓусебна одбрана што го потпишаа севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун и рускиот претседател Владимир Путин.

Јужна Кореја и САД ја обвинија Северна Кореја за испорака на оружје на Русија кое се користи во војната во Украина.

И Русија и Северна Кореја негираат такви испораки.

Северна Кореја долго време ги осудува заедничките вежби на САД и Јужна Кореја како проба за инвазија и доказ за непријателската политика на Вашингтон и Сеул. ссм/

фото: архива

Остани поврзан