• понеделник, 23 декември 2024

Северна Кореја му се закани на Западот поради поддршката за Украина

Северна Кореја му се закани на Западот поради поддршката за Украина

Пјонгјанг, 12 ноември 2024 (МИА) – Северна Кореја упати остро предупредување до Западот поради поддршката за Украина, тврдејќи дека тоа може да доведе до разорна војна со Русија.

- Англосаксонците имаат намера да го туркаат европскиот континент во директен вооружен конфликт со Русија, што е самоубиствен чин, соопшти Министерството за надворешни работи на Северна Кореја, парафразирајќи ги неодамнешните коментари на рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров.

Лавров на 4 ноември одржа говор на меѓународен симпозиум во Москва, во кој ги критикуваше западните санкции против Русија и ги осуди САД и нивните сојузници за поддршката на Украина.

- Кога економскиот притисок не влијае на вистински суверени нации, Западот, на чело со САД, прибегнува кон закани, уцени, па дури и употреба на сила, рече Лавров.

- Денес англосаксонците планираат да ја поразат нашата земја користејќи го режимот во Киев како посредник, исто како што Хитлер се обиде да ги собере повеќето европски земји под нацистички знамиња, продолжи тој.

Лавров ја коментираше и можноста Киев да користи западно вооружување за да изврши напади длабоко на руска територија, истакнувајќи дека тоа „нагло ќе ги намали шансите која било страна да игра улога во претстојната мултиполарна иднина“.

Европските влади и САД досега одбиваа да му дадат дозвола на Киев да го користи нивното оружје за напади длабоко на територија на Русија. Москва предупреди дека таквиот потег ќе го третира како нивно директно учество во конфликтот, што предизвикува страв од одмазда.

Сепак, во неделата, „Телеграф“, повикувајќи се на анонимни извори во британската влада, објави дека британскиот премиер Кир Стармер и францускиот претседател Емануел Макрон планираат да лобираат кај американскиот претседател Џо Бајден да го промени својот став за употребата на ракетите Стор Шедоу за напади со долг дострел. јт/

Фото: МИА архива

Остани поврзан