• недела, 09 март 2025

СДСМ: Муцунски и дал тендер на фирма која додека бил градоначалник на Аеродром добила 11 тендери

СДСМ: Муцунски и дал тендер на фирма која додека бил градоначалник на Аеродром добила 11 тендери

Скопје, 7 март 2025 (МИА) - СДСМ обвинува дека Министерството за надворешни работи и надворешна трговија  потпишало договор за изградба на челична настрешница во вредност од речиси 550.000 евра со градежната компанија „Пирамид билдинг солушнс“, која била единствен понудувач и блиска до министерот Тимчо Муцунски, бидејќи, како што велат од партијата додека бил градоначалник на Општина Аеродром таа добила 11 тендери вредни два милиони евра.

-Ја разоткриваме мрежата на министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски кој го оживува проектот Скопје 2014 за повторно испумпување на пари од буџетот заедно со нови тендери од унгарскиот кредит. Според достапните информации, Министерството за надворешни работи потпишало договор за изградба на челична настрешница во вредност од речиси 550.000 евра. Со ова, Муцунски ја означи новата ера на кражби од проектот Скопје 2014 на ВМРО-ДПМНЕ кој светските медиуми го нарекоа „најголемиот коруптивен проект во Европа“, рече на денешната прес-конференција портпаролката на СДСМ Богданка Кузеска.

Таа додаде дека скандалот е уште поголем затоа што, како што истакна, и овој случај е дел од тендерската мрежа на ВМРО-ДПМНЕ. Договорот за настрешницата, рече, е склучен со градежната компанија „Пирамид билдинг солушнс“, која била единствен понудувач на тендерот.

-Оваа компанија има долга историја на односи со Муцунски. Фирмата добила дури 11 тендери во Аеродром вредни 2 милиони евра. Додека тој бил градоначалник на Општина Аеродром, истата компанија добила договор вреден 335.000 евра за хигиенски и комунални услуги. Идентично, тендерската мрежа на ДПМНЕ е поврзана и со парите од унгарскиот кредит кои треба граѓаните да ги враќаат. Од овие пари, омилената фирма на Муцунски добила 3 тендери вредни околу 1,8 милиони евра само во изминатите 3 месеци. Дури го добила и оној тендер за реконструкција на скверот позади ТЦ Капитол, вреден околу 700.000 евра каде на почеток на работите присуствувал и премиерот Христијан Мицкоски. Или вкупно, само преку бизнисот со општина Аеродром, речиси 4 милиони евра завршиле кај оваа компанија, рече Кузеска.

Според неа, оваа компанија има и тендери со други општини, меѓу кои со Гази Баба каде во мандатот на ВМРО-ДПМНЕ добила 8 тендери.

Затоа, рече Кузеска, основан е сомнежот дека ова е координирана шема на ВМРО-ДПМНЕ за тендерски мрежи и фаворизирање на блиски компании и испумпување на јавните пари во белата палата.

СДСМ, рече, бара итна истрага од надлежните институции за коруптивните зделки на министерот Тимчо Муцунски, утврдување одговорност од сите вмешани во оваа шема, но и  одговор на клучното прашање:  „каде завршуваат парите од унгарскиот кредит. сст/дма/

Фото: СДСМ

 

 

 

 


 

 

 


 

Остани поврзан