• понеделник, 16 декември 2024

Свирењето тапани терапија за лице со тешки деформитети на екстремитети

Свирењето тапани терапија за лице со тешки деформитети на екстремитети
Кавадарци, 21 ноември 2021 (МИА) - Де бе ај глеај каков си, ти ќе свириш. Така ми рекоа со недоверба и предрасуди кога како помлад побарав да потропам малку на тапаните на една веселба. Затоа што сум со вроден инвалидитет, имам тешки деформитети на екстремитети. Многу ми беше тешко во тие моменти, бидејќи некои луѓе не ја разбираат и ја потценуваат различноста. Можеби сум поразличен од другите, но и јас можам да дадам максимум од своите можности и да бидам успешен како нив. Вака ја започна својата животна приказна за МИА, Николчо Делов, човек кој има тешки деформитети на екстремитети, а е успешен во свирење тапани. - Тоа всушност беше во времето кога почнував со музиката. По убедување на некои од колегите на тапанарот, што ме познавале, сепак ми даде шанса малку да се покажам. Кога ме виде колку сум вешт во свирењето, ја разбра својата грешка. Прво ми се извинуваше можеби едно половина час, а после ми рече, терај немај гајле, јас малку да одморам, па ме остави да тропам на тапаните за време на цела свирка, раскажа Делов. Неговото другарување со тапаните започнало како здравствена терапија. Заради рехабилитација станал тапанар. - Имав 12 години, бевме во медицинска установа во Загреб. Докторот не тргна малку настрана мене и моите родители. Да не се лажеме , рече, ова тешко да се среди со операција. Моја препорака е, нагласи, да си најде хоби за активни раце, нозе и мозочни функции. Најблиските ме тестираа со неколку активности, за да видат каде најмногу ќе се снајдам. Одлуката падна да свирам тапани. Вистински предизвик беше тоа за мене. Почнав со тарабука, па барабанче, го усовршував свирењето на тапани. Вежбав по најмалку шест часа дневно. Сакав да докажам дека можам. Јас и ден денес, по толку години, се чувствувам празен, ако не свирам, нагласи Делов. Со многу емоции евоцираше спомени од неговиот живот. Николчо Делов е со вродена инвалидност, детска парализа, со тешки физички деформитети на екстремитети, а неговата сопруга Магдалена е со инвалидност од најмала возраст, има проблем со левата нога и движењето. Судбината сакала да се пронајдат во Струмица, на средба на телесни инвалиди. Тој учествувал на музички настан, таа на тортијада. Делов се осврна и на тоа дека инвалидните лица треба да дадат максимум од себе, за, доколку е можно, да се осамостојуваат што е можно повеќе. - До седум години со лажичка ме хранеле, морало човек да има до мене постојано, да се грижи за се. Потоа, моите сфатија дека мора да направат се за да ме осамостојуваат колку што може повеќе. Од пет ипол ме будеа, до седум ипол, како знаеш, снајди се, облечи се за на школо. Они на работа, ја у седум ипол на школо требаше да сум. Се бориш со заби, со нозе, со раце. Си помагаш со куче, маче, шо се вика и ќе се дотераш. Школо е тоа, моја волја и нивна решителност. Заминаа млади и несвесно ме припремиле за сите предизвици во животот. За сам да функционирам. Криво ми е многу што татко ми  вложи многу во мене, исто како и мајка ми, а не ме виде како остварен музичар. Се надевам дека ме гледа од некаде и е горд со тоа што сум постигнал во животот. Голема поддршка имав од братот, иако е помал 4 години од мене. Тој исто така не ме штедеше, не ми велеше, остај ти, не можеш. Заедно свиревме на почетокот, тој на хармоника. Благодарен сум што не ме штедеше, сподели тој. Според него, сосема спротивен бил случајот со неговата сопруга. - Таа е растена во опкружување традиционално за инвалидните лица. Постојано околината и велела, не, ти не можеш ова или она. И најчесто други завршувале некои работи за неа, иако таа постојано се трудела да им покаже дека сака и може да биде активна и да го даде максимумот од себе. На некој начин, со таквите постапки, не сакајќи, нејзе и биле упропастени некои работи од животот. За жал, во првите 20 години од животот, појасни тој. Останатите дваесет години, нагласи, се друга прикаска. Делов кажа дека многу бракови се имаат случено по средбите кои со години се случуваат помеѓу инвалидизирани лица, без разлика за каква инвалидност станува збор. - Една од целите на здруженијата на лица со инвалидитет е таа, овие лица да не бидат осамени и да се дружат. А ако се бендисаат, заедно да ги бијат животните битки. Затоа што полесно се добиваат тие битки, ако имаш на кого да се потпреш. Ваквите средби се значајни и за размена на мислења. Јас на пример ако кажам како сум остварил некое право кое ни следува, а други, поради најразлични причини не знаат како да го сторат тоа, учат од моето искуство, за и тие да го пронајдат патот од лавиринтот во кој многу често лутаат лица со инвалидитет. И јас и ден денес, на 46 години, учам  од туѓите искуства, категоричен беше мојот соговорник. Со Магдалена, заедно ги делат и радоста и тагата веќе 22 години. - По пет години борба, добивме син, на нашата среќа и немаше крај. Ни викаа немојте со пород заради инвалидноста, да не има и детето некој проблем. Но и тој предизвик го прифативме  и успеавме и во таа животна борба. Имаме прекрасен син. Тој го следи мојот пат, веќе е ученик  во средно музичко училиште, отсек традициски инструменти. Ме надмина во занаетот и ќе биде школуван музичар. Се гордееме со него. Јас останувам самоук свирач кој сепак успеал. Бидејќи имам дарба, слух, но многу и вежбав, рече Делов, кажувајќи дека и неговиот внук од брат се занимава со музика. Сонува за возачка дозвола Многу од лицата со инвалидитет го бараат Николчо Делов за да помуабетат со него и да црпнат малку од неговата позитивна енергија. Но, неговата позитивност е секогаш добредојдена и кај сите други што го познаваат. - Башка што и дома секогаш, сопругата и синот ми велат дека и во најтешките моменти, внесувам свежина во нивните животи. Таа знае да ми каже дека јас сум нејзиниот психолог, откри Делов. Тој е член на извршниот одбор на „Мобилност” Кавадарци, здружение кое има над 120 члена од кавадаречка, неготинска и росоманска општина. - Дел е од националниот Сојуз на лица со телесна инвалидност. Има бројни активности, како образовни, така и рекреативни. Низ годините, има освојувано и бројни награди. Квиз натпреварот и музичкиот фестивал на кој редовно учествувам и сум дел од оркестарот, уште од многу одамна одат во живо, на што многу други организации можат да ни позавидат, се пофали кавадарчанецот. Сојузот за спорт и рекреација на инвалиди Кавадарци каде што е петнаесетина години претседател,  исто така е институција што е дел од националниот Сојуз, Македонски национален параолимписки комитет, кој  постои близу педесет години, ги вклучува сите лица со секаков вид на инвалидност. - Сакам да споменам дека и како поединец и како група од неколку инвалидни лица, имаме освоено бројни награди за пеење и свирење, при бројни фестивали во земјава и странство. Се настапува претежно со традиционална македонска песна. Кога е свирењето во прашање, колку е поспецифично и потешко, толку повеќе ми прави ќеиф и мерак, додаде тој. Сподели дека има една неостварена животна желба. - Не дека не можев да ја остварам и таа желба, како што многу други остварив. Не бев доволно упорен. Сакав да возам кола. Ме убедуваа дека нема да можам и не ми даваа лекарско. Требаше да бидам поупорен за таа животна цел, а имав мерак. Не дека е којзнае што, но ете не се реализирав како шофер. Но, никогаш не е доцна, коментираше пријатниот човек. Поради неговата инвалидност, а имајќи го во предвид работниот стаж на неговиот татко, тој е корисник на семејна пензија. Сопругата му е вработена, а тој дополнително се ангажира во рамките на своите можности, да донесе денар плус во семејниот буџет. Роден со фабричка грешка Николчо Делов е прекрасен соговорник, од кого може многу да се научи за лицата со инвалидитет, но и за животот воопшто. Долго може да раскажува за себе, осврнувајќи се, меѓу другото, на тоа дека растел на градскиот пазар, покрај дедото метлар. - Се смеат кога им велам дека сум роден со фабричка грешка. Секогаш се шегувам на своја сметка. Не се лутам. Затоа ме сакаат луѓето, велат единствен си,  си правиш хумор на своја сметка. Најбитно кај еден човек со инвалидност е да го прифати својот хендикеп. Без разлика дали е вроден или здобиен. Исто како и различноста. Мои блиску со инвалидност сеуште не можат да ја прифатат својата состојба. Се уште има инвалидни лица што се кријат од другите и родители кои ги кријат на некој начин по дома своите деца со хендикеп, а не треба. Има случај,  фабрика го бара детето да работи и тоа сака, а родителот вика не, моето дете не може да работи. Детето се осеќа вредно, сака да работи, но... Има многу такви. Инвалидите не треба да бидат во категорија на болни и изнемоштени. Да се уриваат предрасудите, тоа ни е потребно. Инвалидноста не е болест, дециден беше Делов. За себе кажа дека сега е 99 отсто самостоен. -Само глава не можам да се измијам сам. Под чешма. За бањање немам проблем, откри тој. Среќен е што успеал да се вклопи во општеството и што го пронашол своето место во него. - Не беше лесно воопшто. Особено што бев роден во едно друго време, кога едноставно се сметаше дека е срамота да се биде со инвалидитет, а тој таков став возрасните го пренесуваа на децата и се така во круг. Се срамеа децата со инвалидитет, се срамеа нивните блиски. Како дете морав да се борам со предрасудите. Да им покажам на моите другарчиња кои ме избегнуваа и на нивните родители дека и јас можам да играм фудбал. Можеби полошо од некои, но можам. Како тинејџер се зачленив во здружение за лица со инвалиди и тогаш сфатив дека не сум единствен со хендикеп, дека има и други. Низ годините покажав дека сакам и можам да успеам, свирев на еден куп свирки, па и на банкети и на свадби, на бројни фестивали. Носам бројни спомени во себе од времето поминато со песната и музиката кои се мојот живот. Еднаш на гостување во Бугарија, во радио студио, во отсуство на тарабука, свирев на алуминиумска канта за ѓубре. Другпат, среде трета свадбена свирка во еден ден, од преголема премора задремав за секунда поради монотон ритам. За миг се најдов во процеп позади тапаните. За среќа веднаш се свестив и го фатив ритамот без да се осети на целата свирка, се сети тој на некои од бројните анегдоти поврзани со неговата животна судбина. Со одењето на медицината напред, имало и подобрувања на неговата здравствена состојба, со години прави редовни контроли. - Еднаш,  меѓу другото, сакаа да ме прават и операција. Не ми гарантираа дека можеби ќе има ефект, но се надеваа дека можеби и ќе успеат да сторат нешто за да ми помогнат, да ми ја подобрат состојбата. Моите ме убедуваа дека е добро да ме оперираат. Имам тука еден рез позади, пробен. Докторот ми рече дека сака да ми помогне да бидам здрав. Му се спротивставив на докторот, му реков дека јас се чувствувам здрав, не се чувствувам дека сум болен. Реков дека не знам поинаку да функционирам освен вака како што веќе сум се навикнал да живеам и дека не знам како би функционирал поинаку. Јас го прифатив својот инвалидитет како дел од себе и успешно се справувам со него, сподели тој за МИА. Но и покрај сите докажувања, сеуште имало скептици кои на прв поглед, за жал, го сметале помалку вреден од другите. - И ден денеска ми се случува,  ако некој не ме познава, да ми рече, де бе ај ти свириш на тапани. Кога ќе кажам дека сум тапанар, мислат дека е тоа некоја зафрканција. Ти да тропаш на тапани, де бе ај не тропај глупости, така велат поединците со предрасуди, кажува Делов. Скептицизам имало и кај одделни тапанари. - Многу те фалат колегите а не тропаш баш нешто поразлично од тоа што тропаме сите. На таквите им велам, ок е тоа дека не тропам поразлично од вас, ама ајде да ви ги дадам моите раце и нозе, па вие да го истропате истото. Е тогаш веќе  не знаат што да ми одговорат, дециден е човекот, кој  со тешки деформитети на екстремитети, сепак стана тапанар и секојдневно му докажува на светот дека бариери не постојат. Бариерите ги создаваат луѓето во своите глави. Светлана Дарудова

Остани поврзан