• сабота, 23 ноември 2024

Светски медиуми: Фудбалско чудо над чудата во Палермо

Светски медиуми: Фудбалско чудо над чудата во Палермо
Скопје, 25 март 2022 (МИА) – Триумфот на македонската фудбалска репрезентација над Италија во вчерашниот полуфинален мундијалски бараж наиде на силен одек во светските медиуми, кои оценуваат дека избраниците на селекторот Благоја Милевски покажале невидена пожртвуваност и желба за победа. Под централен наслов „Европскиот шампион Италија нема да биде на Светското првенство“, шпанскиот весник „Марка“ наведува дека македонските фудбалери со сензационалниот триумф „испишале историја во четвртокот вечер на стадионот „Ренцо Барбера“ во Палермо“. - Италија не успеа да се квалификува на Светското првенство по шокантен пораз од Северна Македонија, пишува лондонски „Индипендент“. Во својот извештај, француски „Л Екип“ истакна дека македонските фудбалери ја „расплакаа Италија“, додека, германски „Билд“, оцени дека избраниците на селекторот Благоја Милевски ја „посрамотиле Италија пред домашните гледачи“. Триумфот на македонските фудбалери одекна и во извештаите на балканските медиуми, а црногорскиот весник „Вијести“ исходот од баражот во Палермо го опиша под наслов „Чудо над чудата“. Белградски „Б92“ објави дека „Македонците во судиското продолжение ја шокираа Италија и ја оставија без пласман на Мундијалот“. „Сензација на С Македонија, ја исфрли Италија во судиското продолжение“, пишува хрватскиот весник „Национал“, додека, словенечко „Дело“, извести за триумфот на македонската репрезентација под наслов „Сицилијанска замка, европските прваци (повторно) без Мундијал“. Под наслов „Сензација – Северна Македонија ја лиши Италија од настап на Светското првенство“, бугарскиот весник „24 часа“ известува дека илјадници луѓе до доцните часови во Скопје синоќа ја славеле победата на македонскиот национален тим. ег/ар/

Остани поврзан