• вторник, 24 декември 2024

Светски медиуми за посетата на Зеленски на европски градови

Светски медиуми за посетата на Зеленски на европски градови

Берлин, 15 мај 2023 (МИА) – Посетите на украинскиот претседател Володимир Зеленски на повеќе европски градови е тема во светските медиуми. Тој за време на викендот ги посети Берлин, Париз и Рим барајќи дополнителна воена и финансиска помош. Зеленски денеска е во посета на Лондон.

Патувањата ги одразуваат напорите на украинскиот лидер да ги зајакне односите со европските земји во време кога Кина зазема позиција на потенцијален миротворец, пишува американскиот „Њујорк тајмс“ во денешниот број.

Во февруари, Пекинг претстави мировен план од 12 точки за Украина, иако западните земји го критикуваа дека нема суштина. Во април, кинескиот претседател Си Џинпинг имаше телефонски разговор со украинскиот колега Володимир Зеленски првпат од почетокот на војната. Минатата недела кинескиот министер за надворешни работи Чин Ганг ја посети Европа, а денеска претставник на кинеската Влада ќе пристигне на стариот континент во обид да помогне да се стави крај на конфликтот.

„Освен тоа, Зеленски ги посети престолнините на сојузничките земји поради загриженоста на европските власти дека поддршката на Вашингтон за Киев може да ослабне доколку американските граѓани го поддржат републиканскиот претседателски кандидат на претстојните американски избори“, коментира „Њујорк тајмс“.

Дел од украинските и германските функционери изјавија дека Зеленски можеби се надева дека ќе го убеди канцеларот Олаф Шолц да преземе водечка улога во европската поддршка за војната, како и во евентуалното отворање на мировните преговори. Сепак, Шолц се покажа дека не е подготвен за таква улога.

Украинската Влада соопшти дека нејзините предуслови за одржување мировни преговори вклучуваат целосно повлекување на руските сили од целата територија на Украина и прекин на непријателствата. Но, рускиот претседател Владимир Путин не покажа подготвеност за отстапки.

Шолц ја поддржа украинската позиција, можеби со цел да ги отфрли претходните грижи на Киев и другите критичари дека тој и Макрон би можеле да се обидат да ја притиснат Украина да постигне договор, наведува „Њујорк тајмс“.

Во моментов Берлин е најголемиот воен и финансиски поддржувач на Украина по САД, обезбедувајќи повеќе од 17 милијарди евра. Германија, исто така, ја обучува украинската војска и е домаќин на една од најголемите украински бегалски заедници, објави американскиот весник „Волстрит џурнал“ во денешниот број.

Последните анкети покажуваат дека германските гласачи генерално ја поддржуваат помошта за Украина, а канцеларот Шолц и претседателот Франк-Валтер Штајнмаер, кои исто така го пречекаа Зеленски во Берлин, се цврсти поддржувачи на Киев, истакнува „Волстрит џурнал“. Весникот додава дека и Шолц и Штајмаер се од партија која со децении ги поддржува блиските економски врски меѓу Германија и Русија.

Тие врски, а особено зависноста на Германија од руските енергетски испораки, предизвикаа недоверба меѓу Берлин и Киев во првите месеци од војната. Украина првично ја критикуваше Германија поради недостиг на воена поддршка.

Тензии имаше кога Зеленски ја одби поканата од Штајнмаер да го посети Киев минатиот април, што предизвика бурни реакции во германските медиуми. Спорот го натера Шолц да ги откаже своите планови за посета на главниот град на Украина, потсетува „Волстрит џурнал“.

Германија, која е најголемата економија во Европа, може да заземе уште поцентрално место во одбранбената позиција на Украина, како во наредните месеци, така и по војната, оценува весникот.

Сепак, и покрај покажувањето на пријателство, Киев и Берлин остануваат поделени за клучното прашање поврзано со иднината на Украина – нејзиното барање да се приклучи на НАТО, како осигурување од идната руска агресија, истакнува „Волстрит џурнал“.

По почетокот на руската инвазија, Алијансата и некои клучни земји членки како САД и Велика Британија побараа Украина да стане членка. Сепак, според некои западни претставници, Германија продолжува да се спротивставува на оваа иницијатива. Германските претставници веруваат дека прифаќањето на земја, која е во војна со нуклеарна сила значително ќе го зголеми ризикот од конфронтација меѓу Русија и НАТО, резимира „Волстрит џурнал“.

Володимир Зеленски ќе се врати во Киев со ветувања од Германија и Франција за дополнителна воена помош. Тој вчера уште еднаш инсистираше на обезбедување на борбени авиони. Сепак, и Олаф Шолц и Емануел Макрон реагираа воздржано, пишува германскиот „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ во денешниот број.

Според Париз прашањето за борбените авиони е прерано бидејќи е поврзано со обуката на украинските пилоти. Шолц, од своја страна, наведе дека Германија испратила многу голема воена помош за Киев и дека нејзиниот фокус е на поддршка на украинската одбрана.

На новинарско прашање дали оружјето што го вети Германија ќе биде доволно за контраофанзива, Зеленски одговори: Уште неколку посети и ќе биде доволно. Тоа првично беше сфатено како шега. Но, впечатокот исчезна по неколку секунди, истакнува „Франкфуртер алгемајне цајтунг“.

Зеленски денеска е во посета на Лондон. Британската Влада соопшти дека ќе испрати стотици дронови за напад со голем дострел од над 200 километри во Украина.

Денеска премиерот ќе го потврди натамошното обезбедување од Обединетото Кралство со стотици ракети за противвоздушна одбрана како и стотици нови дронови за напад со дострел од над 200 километри. Сите тие ќе бидат испорачани во текот на следните месеци додека Украина се подготвува да го засили својот отпор кон тековната руска инвазија, се наведува во соопштението од британската Влада. ми/

фото: ЕПА

Остани поврзан