• вторник, 24 декември 2024

Светот во 2020 година фатен во канџите на Ковид-19 - најголемата здравствена криза, голема надеж во вакцините

Светот во 2020 година фатен во канџите на Ковид-19 - најголемата здравствена криза, голема надеж во вакцините
Скопје, 2 јануари 2021 (МИА) - Пандемија со Ковид-19, најголемата зараза во епидемиски размери, повеќе милиони заболени и починати, а здравствените системи во својата најголема битка за спасување човечки животи....Тоа ја одбележа 2020 година, која секој сака да ја заборави. Но, тоа што е очигледно е дека пандемијата тивко, но интензивно не натера да заборавиме на се што пред неа се нарекуваше нормално одвивање на нашето живеење и не остави единствено „во прегратка“ со нашите спомени од изминатите години кои, како изминува времето, ни наликува дека се создале премногу одамна. Но, хронолошки да се потсетиме како почна оваа најголема здравствена криза. Прв случај на Ковид-19 во кинески Вухан Ковид-19 заболувањето, предизвикано од SARS-CoV-2, вирус од фамилијата коронавирус, првично беше откриено во декември 2019 година во градот Вухан во Кина. Вирусот, кој е причинител на акутно вирусно респираторно заболување се пренесува од човек на човек преку допир и преку капков пат (кивање, кашлање и слично), како и преку допирање контаминирана површина и потоа допирање на очите, носот или устата. Од Кина вирусот набрзо се прошири и во целиот свет. Од европските држави најтешко погодена од крајот на февруари беше Италија со најголем број заразени и починати, а потоа и Шпанија, Франција, Германија, Велика Британија... Здравствениот систем почна да се подготвува за евентуална појава на вирусот во државава Уште при крајот на јануари, државава направи подготовки за справување со вирусот. Направени беа подготовки во однос на кадарот, инфраструктурата, опремата, одредени се места за хоспитализирање на пациенти. Меѓу првите мерки против ширењето на вирусот беше задолжителното скенирање со термална камера на патниците на аеродромот во Скопје на 27 јануари, првично само за оние кои пристигнуваа со летовите од Дубаи и Истанбул. При крајот на февруари оваа мерка беше воведена за секој патник кој доаѓа од ризичните земји, мерење на температурата беше воведено и на аеродромот „Св. Апостол Павле“ во Охрид, а дополнително патниците пополнуваа прашалници за дестинацијата од која доаѓаат. На предлог на Комисијата за заразни болести, а по влошувањето на ситуацијата во Италија, кон крајот на февруари истите мерки од аеродромите беа воведени и на граничните премини. Воедно беа  одложени патувањата и екскурзиите на основните и средните училишта во Италија, а беше ограничен влезот во земјата на тие кои доаѓаат од кризните подрачја во северна Италија. Министерството за здравство беше задолжено да ги снабдува училиштата, детските градинки и јавните тоалети со дезинфекциски средства, а на дел од установите и со заштитна опрема. Прв случај на Ковид-19 во државава на 26 февруари Првиот случај на Ковид-19 во државава беше регистриран на 26 февруари 2020 година. Пациентката се заразила за време на нејзиниот престој во Италија и таму го поминала инкубацискиот период. Непочитувањето на препораките и мерките против ширењето на вирусот имаше и во установите. Меѓу првите позитивни на вирусот беше директорка на Клиниката за кожни болести во Скопје, која не се јави на преглед по враќањето од Италија и пет дена одела на работа. Истиот ден вкупно 90 луѓе кои имале контакт со неа или биле присутни во клиниката беа ставени во двонеделна изолација, а самата клиника затворена. Ден по откривањето на случајот со директорката на скопската клиника, почна заострувањето на мерките против ширењето на вирусот. Ширењето на коронавирусот низ светот од Светската здравствена организација на 11 март 2020 година беше класифицирано како пандемија. Од почетокот на март и во земјава интензивно се појавуваа нови случаи на заболени. Прв кластер во земјата беше регистриран во општината Центар Жупа. Во првите денови најмногу заразени беа регистрирани во Дебар. Мерки за спречување на пандемијата, затворени гранични премини, аеродроми, угостителски објекти, трговски центри На 11 март беа затворени сите образовни установи во земјава. Поради воведувањето на оваа мерка, Владата одлучи еден од родителите на дете до 10 години да има право да остане дома со платено отсуство. На 13 март беше прогласена кризна состојба во Дебар и Центар Жупа, бидејќи најголем број од заразените беа од тие општини. Тие беа ставени под карантин, со зголемено присуство на итните служби и со ангажирање на Армијата за да се контролира ширењето на вирусот. Во тој момент во целата држава имаше 13 потврдени случаи на заразени од коронавирусот. Наредните денови беа воведени низа мерки за спречување на пандемијата и беа затворени угостителските објекти и трговските центри, како и аеродромите и граничните премини за странски државјани, а забранети беа и масовни јавни собири. Првпат во историјата прогласена вонредна состојба и воведен полициски час На 18 март на барање на Владата претседателот Стево Пендаровски прогласи вонредна состојба на целата територија на државава во времетраење од најмалку 30 дена. Ова е првпат во историјата на државата да биде воведена мерката за вонредна состојба. При воведувањето на мерката беа регистрирани 35 заболени од коронавирусот. Од 20 март бројот на заразени почна да се зголемува во Скопје, а потоа и во другите градови. Прва жртва на вирусот беше 57-годишна жена од Куманово која почина на 22 март. Кај неа вирусот бил дијагностициран постхумно. Истиот ден бројот на дијагностицирани од почетокот на пандемијата се искачи над 100. Почнаа да функционираат пунктови за тестирање на граѓаните од коронавирус. На 22 март првпат во историјата на државава, на целата територија беше воведен полициски час во периодот од 21 часот навечер до 6 наутро заради справување со пандемијата. Беше забрането движењето на населението секаде во земјата во овие часови. Наредните денови преку мерката за забрана на движење се ограничи контактот меѓу возрасните луѓе над 67 години, кои се сметаат за ризична група, и младите под 18 години, кои може да бидат преносители на вирусот. По истекувањето на 30-дневната вонредна состојба прогласена на 18 март поради состојбата со коронавирусот претседателот Пендаровски донесе нова одлука со која се прогласи вонредната состојба и во наредните 30 дена. Нови ограничувања воведе Владата со важност од 8 април, според кои, беше забрането движењето за сите граѓани на ниво на целата територија, секој работен ден од 16 часот до 5 часот наредниот ден. Беше забрането движењето на граѓаните на јавни места и јавни површини во групи поголеми од две лица, при што беше дозволено родител да биде во поголема група со своите деца до 14 години. На 15 мај, пак, Пендаровски повторно прогласи нова вонредна состојба во времетраење од 14 дена. Престана да важи одлуката за забрана и посебен режим на движење, бројот на заболени и починати постепено расте На 27 мај целосно престана важењето на одлуката за забрана и посебен режим на движење на територијата на државава. На 28 мај почнуваа со работа угостителските објекти со прецизно утврден соодветен протокол за нивна работа во отворените делови. Владата донесе одлука од 1 јуни да престанат да важат заклучоците со кои различни категории вработени лица се ослободени по различни основи од редовно и тековно извршување на работните активности, како што се упатување за работа од дома, патување за работа кон Скопје, организирање на работниот процес со ротации и другите слични мерки и препораки... На 30 мај беше прогласена нова вонредна состојба од 14 дена која заврши на 13 јуни на полноќ. Надлежните секојдневно апелираа да се почитуваат мерките за заштита со оглед на фактот што здравствените работници се преморени поради повеќемесечната работа околу грижата за хоспитализираните со Ковид-19. -Целосно го мобилизиравме здравствениот систем, здравствените работници од сите јавно-здравствени установи, а по потреба и од приватните болници. Ваква ситуација на мобилизација и ротација на кадар во ваков обем немало никогаш во нашата земја, ниту во светот. -Горд сум на здравствените работници. Се престроија за нешто за кое никогаш не беа спремни, ниту здравствениот систем кај нас не бил подготвуван да одговори на еден ваков предизвик, изјави тогаш министерот за здравство Венко Филипче. Бројот на заболени од Ковид-19 постепено почна да се зголемува. Вкупниот број ковид дијагностицирани во земјава од 26 февруари до 30 јуни изнесуваше 6.334, бројот на оздравени пациенти беше 2.475, на починати 300, а имаше 3.557 активни случаи. Отворени гранични премини На 17 јуни Владата донесе одлука за отворање на сите гранични премини во земјата со примена на мерките што се активни, а за влез во државава остана обврската за задолжително приложување валиден негативен ПЦР тест, не постар од 72 часа. Остана и мерката за потпишување „изјава за задолжителна самоизолација во траење од 14 дена“, врз основа на која Државниот санитарен и здравствен инспекторат изготвува решение за здравствен надзор и домашна самоизолација, која ја контролира МВР. Исто така остана во сила и мерката за државен карантин во траење од 14 дена, за сите граѓани или странци со регулиран престој во земјава, кои при влез на територија на државава нема да приложат валиден ПЦР тест или ќе приложат невалиден ПЦР тест. Бројот на заболени и починати нагло се зголеми Споредено со април и мај бројот на новозаболени и починати почна нагло да се зголемува. Во јуни и во јули беа регистрирани над четири илјади новозаболени и вкупно над 345 починати. Над 3.000 новозаразени се евидентирани во август и септември и 200 починати. Владата на 9 септември донесе одлука според која, вработените лица кои се ослободени од работа врз основа на утврдената листа на хронични болести да се вратат на своите работни места и на редовно извршување на работните задачи. На нив им беше даден рок до 23 септември да посетат специјалист и да добијат потврда доколку поради нивната дијагноза и состојба не можат да се вратат на работа. Исклучок од ова беа само лицата (пациенти) кај кои болеста е во фаза на егзацербација (влошување) и за оние со малигна болест, за кои ќе биде дадена потврда со наод и мислење од лекар специјалист, врз основа на која потврда овие лица ќе користат боледување. Беше одлучено бремените жени да продолжат да ги користат владините мерки. Онлајн настава во училиштата, од прво до трето одделение со физичко присуство Заради ковид кризата наставата во основните и средните училишта почна онлајн на 1 октомври. Само учениците од прво до трето одделение имаа настава со физичко присуство. Почнувајќи од октомври (регистрирани 14129 новозаболени и 250 починати) беше евидентиран драстичен пораст на бројот на новозаболени и починати. Во ноември имаше двојно повеќе новозаболени - 28866 и за речиси трипати повеќе починати - 708.   Нов пакет мерки во пресрет на празниците Нов пакет мерки и препораки почна да се спроведува од 18 декември до 20 јануари 2021 година, со цел да се избегне зголемување на бројот на заболени од Ковид-19 за време на празниците. Според мерките, угостителските објекти работат до 18 часот, воведена е забрана за организирање прослави на отворен и затворен простор, од страна на општините, работните организации, и забрана за работа по 21 часот на рестораните во хотелските објекти. Со мерките се опфатени и јасни препораки до верските заедници, да не повикуваат на масовни собири и групирања за време на претстојните верски празници. Воедно Владата го најави почетокот на кампањата „Празнувај одговорно“. Споредено со ноември бројот на новозаболени и починати во државава во декември почна постепено да се намалува. Беа регистрирани 21548 новозаболени и 700 починати. Вкупниот број ковид дијагностицирани во земјава од почетокот на епидемијата изнесува 83329, бројката на оздравени пациенти е 61447, на починати е 2503, а бројот на активни случаи изнесува 19379. Од 31 декември 2019 година, кога Кина првпат пријави случај на коронавирус до Светската здравствена организација, до 31 декември 2020 година се заразија повеќе од 82 милиони луѓе ширум светот, а речиси 1,8 милиони починаа. Произведена вакцина против Ковид-19 По прогласувањето на пандемијата повеќе светски фармацевтски компании ја почнаа трката за производство на вакцина против Ковид-19. После повеќемесечно исчекување конечно неколку компании произведоа вакцина. -Со најновите позитивни вести за испитувањето на вакцината, светлоста на крајот од овој долг, мрачен тунел станува сè повидлива. Сега постои реална надеж дека вакцината, во комбинација со други проверени методи и мерки на јавното здравство, ќе помогне во запирањето на пандемијата, рече генералниот директор на Светската здравствена организација, Тедрос Гебреисус. Европската комисија на 21 декември ја одобри вакцината против Ковид-19 изработена од „Фајзер“ и „Бионтек“, по позитивната препорака од Европската агенција за лекови (ЕМА). - Денес пишуваме ново поглавје во европската успешна приказна. Ја одобривме првата безбедна и ефикасна вакцина против Ковид-19, рече претседателката на Комисијата, Урсула фон дер Лајен. Во земјите - членки на ЕУ, како и во Велика Британија и САД почна вакцинацијата. Русија, пак, започна да ги вакцинира луѓето со својата вакцина „Спутник“. Во врска со вакцината на компанијата „АстраЗенека“, Велика Британија е првата земја која ја одобри. Во јануари се очекува таа да биде одобрена во Европската Унија. Првите дози од вакцината на „Фајзер“ во државава во февруари Државава обезбеди 833.000 вакцини за популација од околу 400.000 граѓани за вакцинација и ревакцинација во рамки на Ковакс механизмот, а во согласност со планот за дистрибуција, тие се очекуваат во првите месеци од 2021 година. Од Министерството за здравство информираа дека во февруари ќе стигнат првите дози на вакцината на „Фајзер“, постигнат е директен договор со компанијата, а количина ќе биде позната во текот на следните недели. Следните дози од вакцината на „Фајзер“ ќе пристигнат во март и април. Продолжуваат разговорите за обезбедување вакцини и преку преговори со земјите - членки на ЕУ, како и преку Ковакс механизмот од каде се очекува распоредот и датумот за дистрибуција на првите количини. Ова е одлична вест за сите граѓани и прв чекор кон конечна победа над пандемијата. Во јануари се очекуваат и фрижидерите за складирање на овие вакцини и со тоа македонскиот здравствен систем ќе биде целосно подготвен за вакцинацијата, посочија од Министерството за здравство. Предвиден е и трет механизам преку ЕУ за набавка на 200 милиони вакцини за земјите - членки и за уште дополнителни 100 милиони дози за земјите од Европа што се надвор од Унијата, информираа од Владата и посочија дека државава аплицирала за дополнителни 800.000 дози од овие 100 милиони и дел од првата пратка на вакцини што ќе стигнат во Грција, ќе бидат наменети за наши граѓани. Кога ќе биде достапна вакцината во земјава, како што нагласија, први ќе ја примат лекарите, медицинскиот персонал и сите други на првата линија во борбата со пандемијата, потоа хронично болните, возрасните граѓани, вработените во градинките и други од приоритетната листа, а по нив ќе се  вакцинираат политичарите. - Порачавме  вакцини од ЕУ, а ја прифативме и помошта во вакцини од  Грција, Бугарија, Полска, Австрија. Секоја количина е добредојдена. За нас беше важно да направиме навремени чекори за да ги обезбедиме вакцините, рече Заев. Министерот Филипче истакна дека вакцините се безбедни, тестирани, проверени и развиени на безбеден начин исто како и сите други вакцини кои се користат и ќе бидат бесплатни за сите граѓани.   - Борбата со ковид кризата ќе продолжи и на почетокот на следната година. Иако бројките укажуваат на тоа дека епидемијата на некој начин спласнува, тоа не значи дека ние целосно треба да се опуштиме. Оваа борба досега нè научи дека вирусот е многу непредвидлив и дека може да се случат изненадувања и понатаму и ние мораме да бидеме подготвени, изјави Филипче минатата година. Регистрирани случаи на нов вид коронавирус во светот Земјите во светот се ангажираат со почетокот на вакцинацијата против Ковид-19, а во повеќе држави се појави нов вид коронавирус. Тој првично беше откриен во Велика Британија, а потоа и во Холандија, Данска, Франција, Италија, Шпанија, Швајцарија, Шведска, Финска, Ирска, Германија, Исланд и Белгија. Регистриран е и во Канада, Јапонија, Сингапур, Хонгконг, Јужна Кореја, Австралија, Израел, Либан и Индија. Компаниите производители на вакцината против Ковид-19 уверуваат дека таа ќе биде ефикасна и против неговата мутирана верзија. Додека светот изморен од исцрпувачката битка со пандемијата е во исчекување на евентуален некаков нејзин крај се уште траат надежите дека вакцините или евентуален лек ќе го спасат населението од оваа најголема закана по здравјето во глобални размери. Здравствените експерти укажуваат дека потребно е 60 до 70 отсто од населението во секоја земја да се вакцинира за да се запре ширењето на Ковид-19 во светски рамки.  Додека сето тоа не се реализира во 2021 година и натаму мора да се  почитуваат добро познатите мерки за заштита кои опфаќаат задолжително носење маска, одржување дистанца, често миење на рацете и избегнување групирање. Рената Пепељугоска  

Остани поврзан