• понеделник, 23 декември 2024

САНУ: Резолуцијата на Генералното собрание на ОН не придонесува за помирување на Балканот

САНУ: Резолуцијата на Генералното собрание на ОН не придонесува за помирување на Балканот

Белград, 27 мај 2024 (МИА)- Српската академија на науките и уметностите (САНУ) смета дека неодамна усвоената резолуција на Генералното собрание на Обединетите нации за геноцид во Сребреница не придонесува за решавање на ниту едно постоечко отворено прашање, ниту за постигнување на нејзината најважна прокламирана цел - помирување во Балканот, јави дописникот на МИА од Белград.

Во соопштението на Извршниот одбор на САНУ се нагласува „загриженоста за усложнување на ситуацијата во регионот, како и за повеќекратните негативни последици и новите трагични поделби до кои може да доведат непромислените политички потези и еднострани иницијативи“.

-САНУ одлучно ги отфрла и силно ги осудува сите, без разлика дали се експлицитни или имплицитни, толкувања на резолуцијата или нејзината инструментализација во однос на колективната одговорност на српскиот народ, Република Србија или Република Српска за геноцид. Академијата со цело срце ги поддржува сите искрени напори во овој дел од светот да се постигне траен мир и да се одржи толку потребната политичка и економска стабилност. Ние, народите во регионот, треба самите да работиме на тоа и тесно да соработуваме едни со други заради подобра заедничка иднина, се вели во соопштението.

Претставниците на 84 земји, голем број членки на Европската унија и сите поранешни југословенски републики освен Србија гласаа за резолуцијата, со која 11 јули се прогласува за Меѓународен ден на сеќавање на геноцидот во Сребреница и која го осудува негирањето на геноцидот и глорификацијата на воените злосторници.

Против оваа резолуција гласаа 19 држави, а воздржани беа 68 земји.об/

Остани поврзан