• сабота, 23 ноември 2024

САД, Јапонија и Јужна Кореја изразија сериозна загриженост за севернокорејските војници во Русија

САД, Јапонија и Јужна Кореја изразија сериозна загриженост за севернокорејските војници во Русија

Вашингтон, 26 октомври 2024 (МИА) – САД, Јужна Кореја и Јапонија изразија „сериозна загриженост“ поради присуството на севернокорејски војници во Русија, изјави синоќа портпаролот на Белата куќа Џон Кирби.

Тие изразија загриженост за распоредувањето на севернокорејските трупи во Русија и нивно потенцијално вклучување на бојното поле против Украина, рече Кирби.

Северна Кореја изрази сериозна загриженост по ратификацијата на Договорот за сеопфатно стратешко партнерство меѓу Русија и Северна Кореја во Долниот дом на рускиот парламент. Тој договор, во еден член, предвидува итна воена помош во случај на вооружена агресија од трета земја.

Јужна Кореја и САД тврдат дека илјадници севернокорејски војници веќе тренираат на руска територија. Киев завчера објави дека има докази дека севернокорејските војници веќе пристигнале во борбените зони во руската погранична област Курск. Пјонгјанг и Москва го негираа тоа.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека севернокорејските војници ќе почнат да се борат против украинските војници од недела и изрази стравување од нова ескалација во 32-месечната војна против Русија.

Северна Кореја вчера даде гаранции дека распоредувањето на нејзините војници во Русија ќе биде „во согласност“ со меѓународното право, ниту потврдувајќи, ниту негирајќи присуство на нејзини војници во Русија.

Рускиот претседател Владимир Путин вчера реагираше во интервју објавено на руската државна телевизија.

- Наше е да одлучиме на суверен начин дали ќе спроведеме нешто или не, каде, како и дали ни е потребно, или едноставно, на пример, ќе организираме заеднички вежби, обука или ќе споделиме искуство од бојното поле, рече тој.

- Тоа е наша работа, нагласи Путин.

Остани поврзан