• петок, 05 декември 2025

САД: Саудиска Арабија и Катар ќе инвестираат во економска зона во јужен Либан

САД: Саудиска Арабија и Катар ќе инвестираат во економска зона во јужен Либан

Бејрут, 26 август 2025 (МИА) – Саудиска Арабија и Катар се подготвени да инвестираат во економска зона во јужен Либан, во близина на границата со Израел, со цел отворање работни места за припадниците на Хезболах кои би се разоружале, изјави специјалниот пратеник на американскиот претседател Доналд Трамп за Блискиот Исток, Том Барак.

Тој ја даде изјавата по посетата на Израел и Сирија, каде што разговараше за состојбата во Либан, откако владата во Бејрут овој месец донесе одлука Хезболах да биде разоружан до крајот на годината. Лидерот на Хезболах го одби планот и најави дека организацијата ќе го задржи оружјето.

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху претходно најави дека израелските сили би можеле да почнат со повлекување од јужен Либан по одлуката на либанската влада за разоружување на Хезболах.

Според Барак, либанската војска подготвува план кој ќе биде разгледан и најверојатно одобрен на 2 септември. - Имаме 40.000 луѓе што Иран ги плаќа да војуваат. Не можете едноставно да им го земете оружјето и да им кажете да садат маслинки. Треба да им се помогне, рече тој.

Тој објасни дека парите за инвестиции ќе дојдат од земјите од Заливот. - Катар и Саудиска Арабија се партнери и подготвени се да вложат средства за јужен Либан, доколку бараме од дел од либанската заедница да се откаже од своите средства за егзистенција, изјави американскиот пратеник.

Барак, кој воедно е и американски амбасадор во Турција, додаде дека наместо да се финансираат мировните сили на ОН во Либан (УНИФИЛ), подобро е парите да бидат насочени кон либанската армија.

Судирите меѓу Израел и Хезболах избувнаа во септември 2024 година, откако групата го поддржа Хамас со ракетни напади врз Израел. Во конфликтот загинаа повеќе од 4.000 луѓе, а штетата во Либан е проценета на 11 милијарди долари. Војната заврши во ноември со примирје посредувано од САД, но израелските воздушни напади продолжија, убивајќи десетици припадници на Хезболах. ссм/

фото: ЕПА архива

Остани поврзан