• понеделник, 23 декември 2024

САД и Филипините постигнаа договор за авганистанските баратели на азил

САД и Филипините постигнаа договор за авганистанските баратели на азил

Манила, 20 август 2024 (МИА) - Филипините денеска соопштија дека се согласиле со американското барање земјата привремено да прими „ограничен број авганистански државјани“ кои бегаат од талибанското владеење додека не им биде издадена специјална имигрантска виза за преселување во САД, јави ДПА.

Според договорот, САД треба да ги покријат сите трошоци поврзани со Авганистанците, како што се храна, сместување, безбедност, медицинска нега и транспорт, изјави портпаролката на филипинското Министерство за надворешни работи, Тересита Даса.

-На секој апликант ќе му биде дозволено да остане на Филипините не повеќе од 59 дена. Сите апликанти ќе бидат предмет на целосна безбедносна проверка од филипинските власти и мора да добијат соодветна влезна виза пред пристигнувањето во согласност со филипинските закони и прописи, додаде таа.

За да стапи во сила, овој договор мора да го ратификува филипинскиот претседател Фердинанд Маркос Џуниор.

Министерството не соопшти колку авганистански државјани ќе бидат прифатени на Филипините, но претходно беше објавено дека САД побарале од својот сојузник од Југоисточна Азија да засолни најмалку 50.000 Авганистанци.

Филипинските власти соопштија дека пилот фазата ќе вклучи само 600 авганистански државјани, од кои повеќето работеле за американската влада или ги исполнувале критериумите за специјални имигрантски визи, но не заминале кога Вашингтон се повлече од Авганистан во 2021 година.

Филипинските пратеници првично изразија загриженост за безбедносните и правните прашања, вклучително и стравувањата дека авганистанските државјани би можеле да станат цел на терористички напади и неизвесност за тоа што ќе се случи ако барањата за виза на таквите луѓе бидат одбиени. мс/

фото: МИА архива

Остани поврзан